Дописници МКДОпштински вести

„Денови на мед“ во Куманово

Традиционалната манифестација „Денови на мед Куманово 2021“, денеска беше отворена на градскиот плоштад. Организаторот, здружението „Пчела“ поради временските услови ја откажа манифестацијата која требаше да биде отворена во првата половина на октомври. На 21-та манифестација учествуваат десетина излагачи кои ќе понудат мед и други производи по саемски цени.

Куманово, 22 декември 2021 (МИА) – Традиционалната манифестација „Денови на мед Куманово 2021“, денеска беше отворена на градскиот плоштад. Организаторот, здружението „Пчела“ поради временските услови ја откажа манифестацијата која требаше да биде отворена во првата половина на октомври. На 21-та манифестација учествуваат десетина излагачи кои ќе понудат мед и други производи по саемски цени.

– Оваа година временските услови не ни беа наклонети ниту за пчелите, екстремна суша, топлина, сега и нам врнежи. Сепак, одлучивме да го организираме настанот. Климатските фактори секоја година посилно влијаат врз пчелите, но се бориме и правиме напори да ја подобриме состојбата со садење медоносни дрвја, изјави претседателот на здружението, Горан Митевски.

Тој најави дека садници од повеќе видови медоносни дрвја ќе бидат поделени на членовите на здружението. Климатските промени ги погодуваат пчеларите во светот, затоа и последниве години пораснаа цените за мед.

– Моментно цената е 500 денари, можеби висока за нашиот стандард, но медот го нема, вели Митевски.

На саемот покрај пчелари, учествуваа ученици од средното земјоделско училиште „Киро Бурназ“ кои со своите професори се грижат за пчеларник и практично ја изведуваат наставата.

– Добро е што има интерес кај младите, вели Митевски.

Пчеларот Трајче Денчевски, ја оценува оваа година како добра со средна оценка три, поради неповолниот дожд и ветер. Годинава успеал да извади осум килограми просечно, половина од претходните години. Дефицитот на медот ја зголеми цената, вели пчеларот Часлав Ристовски, кој 22 години се занимава со пчеларство, но кажа дека ќе се задоволат потребите на локалниот пазар. Во претходните децении имало и 100 килограми по кошница, раскажуваат повозрасни пчелари.

Во „Пчела“ членуваат 82 пчелари.ам/са/

Back to top button
Close
Close