Дописници МКДМКДОпштински вести

Дебарската секција на ЈП за одржување магистрални и регионални патишта подготвена за евентуални снежни врнежи

Дебарската секција на Јавното претпријатие за одржување магистрални и регионални патишта во моментот располага со доволна количина абразивен материјал и соодветна механизација, доколку се остварат прогнозите за снег и во овој регион, изјави за МИА, Деар Лиманоски раководител на секцијата.

Дебар, 14 октомври 2021 (МИА) – Дебарската секција на Јавното претпријатие за одржување магистрални и регионални патишта во моментот располага со доволна количина абразивен материјал и соодветна механизација, доколку се остварат прогнозите за снег и во овој регион, изјави за МИА, Деар Лиманоски раководител на секцијата.

Како што информираше Лиманоски, во пунктот лоциран во село Долно Косоврасти во моментов има резерва од 250 тони сол и 200 кубни метри ризла.

– Сметаме дека е доволно за одржување на патиштата кои се под наша надлежност. Но, доколку има потреба, ќе набавиме дополнителни количини. Исто така располагаме и со потребната механизација, рече Лиманоски.

Додава дека поради обилните дождови на патиштата кои се под надлежност на оваа секција има појава на помали одрони од камен.

– Поради тоа но и влажноста на коловозите, препорачуваме многу внимателно возење и строго почитување на патната сигнализација. Наши екипи се постојано на терен во расчистување на одроните, со цел безбедно одвивање на сообраќајот, за што една екипа со потребната механизација е во приправност од 15 до 20 часот, вели тој.

Посочува дека од 5 ноември секцијата ќе работи со 24-часовно дежурство со комплетни екипи и потребната механизација.

Под надлежност на секцијата се патишта во должина од над 110 километри кои минуваат низ поширокиот дебарскиот регион, кој е познат по обилните снежни врнежи и чести лавини и одрони. Тоа се делниците Дебар – Жировница (патен правец Дебар – Маврово), Дебар – Глобочица (патен правец Дебар – Струга), патот кон граничниот премин „Блато“, кракот Бошков Мост кон селата на Мала Река, како и патот Мелнички Мост – Центар Жупа. вт/ар/

Таг
Back to top button
Close
Close