Општински вестиСкопје

Град Скопје: Решени 2.001 барање од граѓани преку електронската адреса за комуникација

На електронската адреса за комуникација со граѓаните 24@skopje.gov.mk досега се пристигнати 2.300 барања, од кои решени се дури 2.001, информираат од Град Скопје.

Скопје, 18 мај 2022 (МИА) – На електронската адреса за комуникација со граѓаните 24@skopje.gov.mk досега се пристигнати 2.300 барања, од кои решени се дури 2.001, информираат од Град Скопје.

Соопштуваат дека најголемиот број граѓани на овој мејл пријавиле проблеми од областа на уредувањето на просторот, и тоа вкупно 540, односно побарале да се постават заштитни столпчиња за да се заштитат јавните површини и тротоарите од непрописно паркирани возила и за да се овозможи безбедно движење на пешаците, да се санираат ударните дупки, да се обноват велосипедските патеки или да се поправи уличното осветлување.

Пријави на диви депонии и загадувачи на воздухот, како и барања на терен да излезат градските инспектори имало 376. Граѓаните пријавувале проблеми и од областа на комуналните работи, односно побарале сечење стари и суви дрвја, кастрење гранки, уредување зелени површини и контејнери за собирање смет, а пријавиле и проблеми со улични кучиња – 556 пријави.

На оваа електронска адреса пристигнаа и 288 пријави за оштетена сообраќајна сигнализација, барања за поставување платоа за смирување на сообраќајот, проблеми со автобуските линии и возниот ред на автобусите од јавниот превоз, како и барања за измени во некои сообраќајни решенија. Граѓаните пријавиле и проблеми поврзани со данокот на имот, данокот на промет и наплатата на комуналните такси – 373 пријави. Дел од барањата се однесуваат и на субвенциите што ги доделува Град Скопје, за набавка на инвертер клима уреди, електрични тротинети и велосипеди – 167 барања, е наведно во соопштението.

Од Град Скопје истакнуваат дека на електронската адреса граѓаните можат да пријавуваат проблеми и предизвици од надлежност на Град Скопје, а градската администрација е задолжена да одговори на барањата во рок до 72 часа. свс/сп/

Таг
Back to top button
Close
Close