Локални избори 2021Политички партии

Герасимовски: Секој ден по еден час директни средби со граѓаните и мобилна апликација за непосредна комуникација

Општина Центар ќе биде отворена за сите граѓани и тоа ќе се почувствува уште во првите 100 дена од мандатот, најави Горан Герасимовски кандидатот за градоначалник на Центар од СДСМ и Коалицијата.

Скопје, 26 октомври 2021 (МИА) – Општина Центар ќе биде отворена за сите граѓани и тоа ќе се почувствува уште во првите 100 дена од мандатот, најави Горан Герасимовски кандидатот за градоначалник на Центар од СДСМ и Коалицијата.

Тој изјави дека локалната е најблиска власт до граѓаните и дека општината мора да функционира како место на кое граѓаните се чувствуваат добредојдени, каде што ќе добијат навремена услуга и ќе може секогаш да бидат примени и ислушани.

– Затоа, јас како иден градоначалник секојдневно ќе одвојувам по еден час само за директни средби со граѓаните, покрај отворените денови кои остануваат редовна пракса. Преку оваа редовна комуникација директно со граѓаните, ќе бидам сигурен дека сум во тек со сите проблеми и размилувања, а тие дека секогаш имаат отворена врата кај мене да дојдат и да поразговараат. На овој начин ќе инсистирам да работат и советниците од нашата советничката група како и службите во општината. Само вака може да ја вратиме довербата во институциите која е нарушена, рече Герасимовски.

Покрај директните средби во општината, тој најави и воведување онлајн-апликација за учество на граѓаните во работата на локалната самоуправа и дигитализација на услугите. Преку неа граѓаните ќе може да даваат предлози, да гласаат за идеи и проекти, да се информираат за сите нови одлуки, да добиваат нотификации за теми кои тие ќе ги изберат од свој интерес. Исто така, граѓаните ќе може да аплицираат за документи, да поднесуваат жалби. Преку тој систем, според Герасимовски, граѓаните би имале увид во процесот на реализација на нивните иницијативи, предлози или предлог решенија за проблемите и за нив ќе добиваат одговор од службите во рок од 10 дена.

-Навременото реагирање носи двоен бенефит затоа и ви ветувам дека општина Центар ќе ја градиме заедно според нашите потреби и интереси. Во иднина ќе ве вклучам и во јавните анкети или референдуми за помалите или поголемите проекти и притоа очекувам силна критика или поддршка за она што ќе го работиме бидејќи само така може да напредуваме, порача Герасимовски. хс/дма/

 

Back to top button
Close
Close