0_Web_Актуелно0_МИА Истражува.ПорталЕкономијаМИА ИстражуваРепортажа

Гастрономска прошетка низ хрватскиот кралски град Нин на Јадранско Море со шпаргла, шокол и цветна сол

Белград, 27 мај 2022 (МИА) – Хрватска е комбинација од природна убавина, богата и фасцинантна историја, гастрономска рапсодија на вкусови, фантастично локално вино и кристално чисти сини мориња. Земјата ги освојува срцата на луѓето со своите аранжмани за одмор, кои нудат сензационално и магично искуство.

На 30 километри оддалеченост од Задар, на источното крајбрежје на Јадранско Море се наоѓа најстариот хрватски кралски град – Нин, кој поради благата клима, богатото културно наследство, недопрената природа и специфичната гастрономска понуда се вбројува во тајновитите бисери на Хрватска.

Јадрото на стариот град Нин, каде животот се појавил пред околу 3.000 години и кој е еден од најстарите градови на Медитеранот, се наоѓа во средината на плитка лагуна. Многу цивилизации оставиле траги од своето присуство овде, а истите тие траги можат да се видат по прекрасните улици на островот. Во антиката, Нин бил важно пристаниште на Јадранско Море и бил римски муниципиум. Градот е наречен хрватски Витлеем бидејќи во средниот век бил првиот главен град на Хрватите, најстар хрватски кралски град и светилиште на Богородица цели 500 години.

Нин е мистериозен и волшебен, привлекува многу туристи поради црквата на Светиот крст, позната како „најмала катедрала на светот“, која се споредува со Стоунхенџ бидејќи е сончев часовник и календар и статуата на Григориј Нински од Иван Мештровиќ, во центарот на градот, за која мештаните веруваат дека ако го допрете палецот, ќе ви донесе среќа. Самата статуа е наведена меѓу 10-те најатрактивни симболи на среќа во светот.

Можеби и ние новинарите од просторот на поранешна Југославија имавме среќа да се запознаеме со богатството на Нин, надополнувајќи го тоа чувство со гастрономското сетило за вкус со храната од морските шпаргли (аспарагус), нинскиот шокол и цветната сол, деликатеси што не можат да се најдат во продавницитe и пазарите, дури ни во рестораните низ Јадранско Море, освен во Нин.

– Морската шпаргла (Salicorina Europea) е редок деликатес, кој најдобро се вкусува таму каде што расте – во кралскиот град Нин, во плиткото чисто море. Нејзината сезона е во мај и јуни. Се бере рачно. Како растение што расте од морето успева да ги притисне своите вкусови и да придонесе за нив. Богата е со минерали, железо, калциум и витамини, а особено со витамин А, изјави организаторот на гатрономската прошетка низ Нин, Карин Мимица од клубот „Гастронаут“.

Покрај шпаргла, исклучиво за овој кралски град карактеристика е и нинскиот шокол, деликатес со уникатен вкус што се произведува во целиот овој регион уште од античко време. Станува збор за уникатен производ од суво месо направен од свински врат, кој наликува на буѓола, и има различен вкус бидејќи секој домаќин го готви на свој начин во црвено вино со повеќе зачини. За да се зачува традицијата на овој автохтон производ, од 2003 година се организира надалеку познатиот фестивал на нински шокол.

– Морските шпаргли, нинскиот шокол и цветната сол, кавијарот меѓу солите, подарок на морето и сонцето, ветерот и рачното правење на солта, е посебност што го одразува гатрономскиот потенцијал на Нин, а препознавајќи го, Туристичката организација на Нин, во соработка со клубот „Гастронаут“, започна проект за изградба на гастрономски бренд што ретко може да се најде, кој вклучува околу 10 угостители што ги ставија овие деликатеси во својата понуда, изјави Карин Мимица.

Рестораторите на Нин добија домашна задача од нивната Туристичка организација да ги вклучат морската шпаргла, шоколот и цветната сол во нивните постојни јадења или едноставно да креираат нови. Секако, нивната домашна задача вклучуваше и други гастрономски теми на Нин, како што се рибите и јагнешкото месо, на пример.

И готвачите на Нин добро го средија тоа. Веќе првиот ден во пицеријата „За четвртина час“ шпарглите и шоколот се здружија на пица, а имаше и салата со морски шпаргли и риба. Во коноба „Бранимир“, веднаш до црквата на Св. крст, шпарглата се мешаше, на пример, во традиционалниот савур од скуша, додаден во рагу од сипа, но на гладните новинари најдобро им легна најпознатата далматинска месна храна – јагнешко на ражен, а директната врска со морето беше цветната сол со која се посолуваше истото јагне.

И наутро се продолжи во истиот ритам, во гостилницата „Бурела“ со брудет од шкампи, хама и морска шпаргла (малку е да се каже дека беше сензационално), салата во која главни состојки беа шпаргли со тенки фети од совршениот шокол.

Костимирани водичи потоа ги шетаа гостите околу Нин и ги забавуваа со историски приказни на Нин, а ги има многу во овој мал кралски град, така што турата заврши во пицеријата „Пеперони“, храм на добри пици. А доказ дека пицата може да биде и кулинарско ремек-дело беше комбинацијата на шокол, артичока, горгонзола, млад црвен кромид и морска шпаргла.

Во коноба „Сентименти“ шпарглата беше претворена во крем прелиена со сјаен тартар од туна и далматински бел тартуф, како и шпаргла со зелен ориз со шкампи и шокол нафрлен на медалјони од мисирка.

Вечерта во ресторанот „Круши и јаболка“ во „Затон холидеј ресорт“, камперски рај со мал милион содржини што домаќините им ги претставија на туристичките новинари и агенти од сите страни, имаше атрактивно мени на дадени теми со акцент на одгледуваната риба од Кромарис. Имено, заедно со Соланата Нин, оваа компанија со мрестилиштето за риби е една од главните економски потпори на кралскиот град. Филе од бранцин со морска шпаргла и песто од цитрус, полнети јадрански лигњи со ракчиња козици и морска шпаргла, запечена јакобова капица со сино сирење и морска шпаргла и салата со ракчиња и цветна сол и на крајот голема гозба со риба на скара, орада – сите овие деликатеси им беа понудени на гостите.

И да не се лажеме, пиевме и го испивме првенствено наградениот пошип од „Кралските лозја“, црљенак на истиот винар и мараштина мала, како и сортата плавец.

Оваа долга прошетка заврши дури третиот ден наутро, за оние што го „преживеаја“ овој гастрономски марш во „De Salt Street Foof Bar“ со зајакнат доручек наречен „Sea, salt & wind“. Вклучуваше брускети со морски шпаргли, бургер гргур нински со шокол и рамстек со цветна сол.

Нин пред околу 20 години ја започна својата трансформација од речиси запуштен град во атрактивен туристички град. Сега на ред е гастрономијата. И еве, се покажа, со многу волја и желба на угостителите на овој мал простор и придружните услуги што живеат од нивниот труд, дека Нин може многу да понуди, како што се морските шпаргли, нинскиот шокол и цветната сол.

Оливер Бранковиќ

Back to top button
Close
Close