Дописници МКДОпштински вести

Втора консултативна средба за граѓански приоритети во Крива Паланка

Во организација на Регионалниот центар за соработка „Спектар“ денеска во Крива Паланка се одржа втората консултативна средба со граѓаните од општината на која беа дефинирани најприоритетните проблеми, предлози и решенија што ќе им бидат претставени на кандидатите за градоначалници и советници.

Крива Паланка, 17 септември 2021 (МИА) – Во организација на Регионалниот центар за соработка „Спектар“ денеска во Крива Паланка се одржа втората консултативна средба со граѓаните од општината на која беа дефинирани најприоритетните проблеми, предлози и решенија што ќе им бидат претставени на кандидатите за градоначалници и советници.

Оваа средба беше посветена на темите за по квалитетни општински услуги, партиципативно граѓанско учество при носење на одлуките на локално ниво и младински политики и перспективи.

-Учесниците како најголеми приоритети ја посочија потребата од поефикасна  општинската администрација при решавањето на проблемите на граѓаните, особено од комуналната сфера и урбанизмот, животната средина, зголемено учество на месните заедници и невладиниот сектор, субвенционирање на младите претприемачи, изградба на колективни згради, решавање на проблемите во здравството и друго. Како посебен приоритет беше издвоен проблемот со партизација на општинската администрација и  другите институции. Од средбата произлегоа и повеќе конкретни решенија за реализација,  меѓу кои редовен отчет на градоначалникот, редовни средби со претставниците на месните заедници, промотивни кампањи за едукација на граѓаните и слично, изјави Методи Цветковски од РЦС „Спектар”.

Учесниците предложија и конкретни решенија за намалување на миграцискиот бран кај младите лица од Крива Паланка.

-Како решение беа понудени повеќе конкретни проекти за изградба на одредени индустриски капацитети преку искористување на компаративните предности на подрачјето, како, земјоделие, туризам, правично вработување, деполитизација на институциите. Граѓанските приоритети и нивните предлози ќе им бидат претставени на кандидатите за градоначалници и советници, на јавна трибина на која ќе можат да ги слушнат очекувањата од идната локална власт, додаде Цветковски.

Активностите се дел од проектот за формирање на Форум за граѓански дијалог, кој го спроведуваат девет партнерски граѓански организации – НВО Инфоцентар, Младински културен центар-Битола, Центар на заедницата на општина Струга, Гласен Текстилец, Мултикултура и Идеа ЈИЕ, Спектар од Крива Паланка,  Граѓанска иницијатива на жени од Свети Николе и Центар за развој на медиуми.

Целта е да се поттикне директното граѓанско учество во креирање на општински приоритети и потреби во локалните заедници, по што Форумот за граѓански дијалог активно ќе продолжи да ја следи нивната реализација од новата локална власт. Проектот е поддржан од Меѓународниот центар „Улоф Палме” од Шведска. ид/рп/

Back to top button
Close
Close