Дописници МКДОпштински вести

Врачено уверението за градоначалник на Дебар на Хекуран Дука

Претседателот на Општинската изборна комисија, Рилинд Хаса, му го врачи уверението за градоначалник на Дебар на Хекуран Дука, кој и во изминатите две и пол години беше на оваа функција, посакувајќи му добро здравје и успешна работа.

Дебар, 29 ноември 2021(МИА) – Претседателот на Општинската изборна комисија, Рилинд Хаса, му го врачи уверението за градоначалник на Дебар на Хекуран Дука, кој и во изминатите две и пол години беше на оваа функција, посакувајќи му добро здравје и успешна работа.

-Сакам да упатам голема благодарност до сите граѓани на општината за демократскиот изборен процес. Како и до сега и понатаму ќе бидам градоначалник на сите независно од етничка, партиска и друга припадност. Како лекар мое начело е никого да не вратам назад кој побарал услуга. Тоа го почитував и претходните години, а тоа ќе го правам и во овој мандат, како татко на градот. Вратата на мојот кабинет ќе биде  отворена за сите. Како што ветив продолжуваме со реализација на веќе започнатите, но и работиме на нови проекти. Сето тоа во интерес на сите граѓани и за еден наш заеднички подобар Дебар, рече меѓу другото Дука.

За избор за градоначалник во Дебар беа одржани два круга, а беше повторено гласањето во едно гласачко место во градот.

Дука, кој е кандидат на ДУИ подржан од СДСМ и коалицијата,  беше избран во вториот круг со 138 гласови повеќе од неговиот против кандидат Беким Поцеста, кандидат на Алијанса за Албанците/Алтернатива, подржан од ВМРО -ДПМНЕ, кој освои 4.153 гласови.

Хекуран Дука е роден 1963 година во Дебар, оженет, татко на три деца. Средно образование завршил во родниот град, дипломирал на Медицински факултет во Скопје, каде завршил специјализација по урологија. Вработен е во Општата болница со проширена дејност во Дебар од 1994 година.

Минатата недела ОИК им ги врачи уверенијата на 15-те членови на Советот на општината, во кој 6 советници има ДУИ, 5 АА/Алтернатива и по двајца СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Советот се уште не е конституиран. вт/вј/

Back to top button
Close
Close