
Штип, 27 јуни 2022 (МИА) – Населба Балканска во Штип овие два дена ќе добие асфалт на секојa улица и нејзин крак. Претходно таму за асфалт се подготвуваа неколку улици. Градоначаланикот Иван Јорданов на прес-конференцијата истакна дека во прашина и кал нема да остане ниту една улица.
-Од денеска се започнува со асфалтирање на планираните улици и краци во оваа населба. Знаете дека во претходните неколку дена овде се работеше на припрема за асфалтирање на неколку улици и краци коишто досега беа во прашина и кал. Нашата цел е правилно да ги инвестираме парите на граѓаните коишто ги прибираме по основ на даноци за во време на економска криза да инвестираме во капитални проекти, во инфраструктура. Така ќе продолжиме и во наредниот период, рационално ќе ги користиме парите на граѓаните во капитални проекти. Ќе продолжиме и во наредните населби, истакна Јорданов.
Инвестицијата во изградба на улици во населба Балканска е вредна 6.000.000 денари, со кои ќе се асфалтираат сите досега заборавени улици. Вложување во проектот „Штип без кал“ ќе има и во населбите Караорман, Железничка и Чардаклија, а Општина Штип за капитални инвестиции издвојува 37 проценти од буџетот, односно 250 милиони денари. вдј/хс/