0_Web_Актуелно0_Македонија.ПорталВидео изјаваМакедонија.СлајдерПолитика

Во Софија заедничка вежба на специјалните единици на Северна Македонија и Бугарија

Во Министерството за внатрешни работи на Република Бугарија во Софија, денеска министерот за внатрешни работи на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски и директорот на Бирото за јавна безбедност Сашо Тасевски, со придружна делегација, имаа билатерална средба со министерот за внатрешни работи Бојко Рашков.

Скопје, 1 јули 2022 (МИА) – Во Министерството за внатрешни работи на Република Бугарија во Софија, денеска министерот за внатрешни работи на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски и директорот на Бирото за јавна безбедност Сашо Тасевски, со придружна делегација, имаа билатерална средба со министерот за внатрешни работи Бојко Рашков.

– Како  две соседни  држави упатени сме на меѓусебна соработка и наш заеднички интерес е да имаме добри резултати и бенефит од ваквата соработка, што е еднакво важно како за министерства за внатрешни работи на двете земји, така и за нашите две држави, но и за регионот, рекол Спасовски, соопштија од МВР

Тој ја нагласил посветеноста на МВР на Република Северна Македонија во унапредувањето и продлабочувањето на билатералната и оперативната соработка со бугарското МВР, во насока на зајакната регионална соработка како еден од главните приоритети, посебно во делот на сузбивање на организираниот криминал, трговијата со луѓе, недозволената трговија со дрога, криумчарењето мигранти и справувањето со илегалната миграција.

– Помеѓу двете служби се имплементираат форми на прекугранична полициска соработка содржани во ЕУ Шенген каталогот на препораки и најдобри пракси и во Конвенцијата за полициска соработка во ЈИЕ. Токму согласно оваа Конвенција, во 2009 година се воспостави и функционира Заедничкиот контакт центар за полициска и царинска соработка ‘Деве Баир – Ѓуешево’, кој во тоа време беше единствен таков центар помеѓу земја членка на ЕУ и земја која не е членка на ЕУ. Овој контакт центар е единствен уште по еден основ – тој освен за полициска соработка, служи како контакт центар и за царинска соработка, потенцирал министерот Спасовски, кој упатил благодарност до колегата домаќин Рашков за топлиот пречек и конструктивните разговори во Софија.

Во тој контекст, Спасовски ја нагласил и важноста од интензивирање на активностите во борбата против организираниот криминал, преку формирање на Координативно тело на стратешко ниво, претставено од раководителите на организациските единици за борба против организиран криминал и тероризам, со можност за координативни годишни состаноци заедно со јавни обвинители, на кои би се дискутирало за заедничките закани и би се дал приоритет на заедничките активности за справување со тие закани.

– Од особена корист би било и формирање Заеднички аналитички групи, со цел изработка на заеднички стратешки проценки, кои би идентификувале закани од висок ризик за државите, а во тој контекст значително би придонело и формирањето на Заеднички оперативни работни групи кои, пак, ќе покриваат одредени области на криминал, како на пример, борба против тероризам и финансирање тероризам, криумчарење мигранти и трговија со луѓе, недозволена трговија со дрога, недозволена трговија на акцизна стока и стока за широка потрошувачка, финансиски истраги и перење пари, корупција на граничните премини, еколошки криминал, криминал против културното наследство, истакнал Спасовски.

Министерот за внатрешни работи на Република Бугарија Бојко Рашков ги оценил како одлични односите во делот на внатрешните работи и безбедноста меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија. Рашков ја споделил увереноста дека активниот и отворен дијалог за сите теми од заеднички интерес ќе биде поддржан и продлабочен и во иднина. Тој пред колегата Спасовски, стои во соопштението од МВР, ја истакнал важноста од одржувањето на редовни директни контакти, од причина што и двете страни се исправени пред заеднички предизвици за безбедноста, за чие решавање се потребни и заеднички напори.

– Република Бугарија е подготвена да ја развива и продлабочува билатералната соработка и споделувањето на искуства  и  експерти  од областа на внатрешните работи, како држава членка на Европската Унија. Министерот Рашков изрази увереност за уште поактивна и ефективна соработка во сите области, како што се: сузбивање на организираниот криминал, трговијата со луѓе, нелегалната трговија со дрога, тероризмот, криумчарењето мигранти и справувањето со илегалната миграција, посочил Рашков, се наведува во соопштението од МВР.

Заедничките вежбовни активности на специјалните антитерористички единици на двете држави што се реализираа денеска, нагласил Рашков, се уште една потврда за добрата практична интеракција од областа на внатрешните работи.

– Искуството ни покажува дека кога имаме директна комуникација помеѓу службите, соработката се интензивира и се постигнуваат конкретни, заемно корисни и одржливи резултатии, истакна министерот Рашков. цр/са/

Таг
Back to top button
Close
Close