Дописници МКДКултураКултура.ПорталОпштински вести

Во Прилеп објавен првиот број на списанието „Стремеж“ за 2022 година

Излезе од печат првиот број на списанието за литература, уметност и култура „Стремеж“ за 2022 година кое и овојпат нуди бројни прилози.

Прилеп, 20 мај 2022 (МИА) – Излезе од печат првиот број на списанието за литература, уметност и култура „Стремеж“ за 2022 година кое и овојпат нуди бројни прилози.

Во рубриката „Режисерите пишуваат се застапени песни и расказот „Сеништето од кино Младина“ на Наум Пановски, есејот „Уметност, насилство + општество; тон, ритуал и функција; неколку белешки“ на Милчо Манчевски, песни и запис на Антонио Митриќески, „Четири белешки на качувачот по пирамиди“ на Горан Тренчовски, есејот „Мојата прва книга“ на Звездана Ангеловска, расказот „Кај што Брисел оди пеш или санитарен преглед на нашите европски интеграции“ на Дарко Митревски, „Забелешки за претстави“ на Мартин Кочовски и три куси прози на Ана Алексовска.

Во рубриката „Поезија“ се објавени нови песни од Сузана Ѓорѓиевска, Весна Мундишевска-Велјановска, Филиз Мехметоглу, Наташа Сарџоска и од Тања Крмзова-Костиглиола.

Во рубриката „Проза“ читателите може да ги прочитаат расказите „Авантура“ на Оливера Николова, „Невен Невин“ на Петар Петрески, „Планот на куќата“ на Сашо Димоски, „Даскалот…“ на Јована Матевска-Атанасова, „Рушете ги предрасудите, а не оградите“ на Благица Ѓорѓиевска, како и пет куси-куси раскази на Даниела Андоновска-Трајковска.

Рубриката „Нови гласови“ ја промовира поезијата на младата македонска авторка Исидора Хениг.

Овој број на „Стремеж“ преку препевот на Никола Маџиров ја претставува поезијата на годинашниот лауреат на „Струшките вечери на поезијата“ – Шунтаро Таникава. Во рубриката „Препеви, преводи“ се застапени: поезија на нобеловката Луиз Глик во препев на Никола Маџиров, песни на српскиот автор Милош Лазаревиќ препеани од Сашо Огненовски и раскази на словенечкиот писател Андреј Блатник, преведени од Лидија Димковска.

Во рубриката „Критики, есеи, студии“ Васил Тоциновски пишува за монодрамата „Т’га за југ“ на Душан Ристевски-Македон, Оливера Ќорвезироска го интерпретира романот „Хотел меѓу две војни“ на Александар Русјаков, Весна Мојсова-Чепишевска посветува омаж на Чашуле, а Звонко Димоски ја чита кратко, визуелно и културолошки драмата „Трудници“ на Габриела Стојаноска-Станоеска.

Последната рубрика „IN MEMORIAM“ им оддава чест на авторите Радован Павловски, Луан Старова и на Драги Михајловски преку спомените за нив на Иван Антоновски во текстот „Незгаснато соѕвездие“.

Списанието „Стремеж“ го издава Центарот за култура „Марко Цепенков“ од Прилеп со поддршка на Министерството за култура. ем/хс/

 

Таг
Back to top button
Close
Close