Дописници МКДОпштински вести

Во Прилеп ковид-ситуацијата со недели е иста, вакциналниот пункт е преместен во Здравствениот дом

Нема ниту зголемување ниту големо намалување на бројките на ковид-новозаразени во Прилеп. Слична е ситуацијата и со хоспитализираните во модуларната болница каде моментално се сместени 18 пациенти, констатира Кети Смилеска, директор на прилепската градска болница со општа надлежност.

Прилеп, 18 октомври 2021 (МИА) – Нема ниту зголемување ниту големо намалување на бројките на ковид-новозаразени во Прилеп. Слична е ситуацијата и со хоспитализираните во модуларната болница каде моментално се сместени 18 пациенти, констатира Кети Смилеска, директор на прилепската градска болница со општа надлежност.

Според Смилеска, главно хоспитализираните се невакцинирани кои имаат потешка клиничка слика.

– Последниот месец ситуацијата со хоспитализираните се движи од 12 до 20 пациенти. Ковид-пациентите се хоспитализирани во модуларната болница. Со бројката која е подолг период под 20 хоспитализирани пациенти, нема потреба од активирање на други оддели во болницата. Моментално се хоспитализирани 18 пациенти во модуларната болница, од кои 14 се на кислородна поддршка. Од сите, само четири пациенти се вакцинирани и токму тие пациенти не се на кислородна поддршка и имаат полесна клиничка слика, рече Смилеска.

Во Прилеп над 53 отсто од населението е вакцинирано, но минатата недела има одредена стагнација, а денеска има одреден зголемен интерес. Вакциналниот пункт од минатиот вторник е преместен од спортската сала на средното училиште „Ѓорче Петров“ во просториите на Здравствениот дом.

Како што информира Зорица Шојлеска, координатор на вакцинален пункт, има интерес и за трета доза.

– Минатата недела, најверојатно поради временските прилики, заинтересираноста за вакцинирање беше намалена, дневно беа вакцинирани од 150 до 200 граѓани. Денеска интересот е нешто поголем и за прва доза. Има интерес за вакцинирање со трета доза, први ја добија медицинските работници кои беа и најрано вакцинирани, а се јавуваат и другите иако не е изминат периодот од втората вакцина. Заинтересирани се и оние што се вакцинираа во Србија да си земат сертификат. Мора да бидат внесени во „Мој Термин“, а сакаат да добијат и трета доза, рече Шојлеска. ем/рп/

Back to top button
Close
Close