Дописници МКДОпштински вести

Во Охрид одржан Првиот заем на социјални претперијатија од Југозападниот регион

Во организација на Регионалниот центар за поддршка на социјални претпријатија во склоп на Фондацијата за поддршка на претпријатија ЕСА Охрид и проектот „Поддршка на социјалните претпријатија“ во Охрид се одржа првиот Саем на социјалните претпријатија од Југозападниот регион.

Охрид, 26 ноември 2021 (МИА) – Во организација на Регионалниот центар за поддршка на социјални претпријатија во склоп на Фондацијата за поддршка на претпријатија ЕСА Охрид и проектот „Поддршка на социјалните претпријатија“ во Охрид се одржа првиот Саем на социјалните претпријатија од Југозападниот регион.

На саемот беа презентирани претприемачките идеи и потенцијалите на дваесетина социјални претпријатија регионот и невладини организации што се занимаваат со некоја економска активност.

Како што беше истакнато од организаторот на настанот, тој е осмислен како место каде ќе бидат презентирани можностите за раст на иновативните регионални социјални претпријатија, преку обезбедување финансиска, менторска и друга поддршка од различни засегнати страни.

Барбара Садовска, тим лидер на проектот „Поддршка на социјалните претпријатија“, организатор на саемот и претседател и ко-основач на Фондација „Барка“ од Полска, истакна дека главната цел на проектот е да се подржи развојот на претприемништвото и социјални претпријатија и нивно интегрирање во заедницата.

– Работиме и на уредување на правната рамка со кои би се дефинирале социјалните претпријатија и нивните карактеристики, како и финансиски инструменти преку кои би се дал иницијален капитал на социјалните претпријатија, изјави таа.

Целта на ваквите настани е преку преку осумте регионални центри во земјата да се промовираат социјалните претпријатија, да се овозможи поголема врска на социјалните претпријатија со локалната заедница.

– Поентата е социјалните категории да бидат поактивни, да се иницираат социјални претпријатија што би биле самоодржливи, би нуделе производи и услуги, а би биле поддржани од општината, бизнис-заедницата и не би морале да опстојуваат само преку помош од државата или милосрдие, рече Садовска.

На саемот беа презентирани иновативните социјални претпријатија во Југозападниот плански регион, меѓу кои како пример беше претставено Заштитното друштво „хотел Далјан“ во Охрид, специфична фирма со основна дејност давање туристички услуги, но со инклузивен туризам оттаму што нивни гости најчесто се лица со попреченост. Примерот е дотолку поинтересен од социјален аспект што половина од вработените во хотелот се глуви лица, а целиот персонал го зборува знаковниот јазик.

Славица Стефановска, директорката на хотелот „Далјан“, појасни дека работните места се организирани и приспособени да физичката попреченост на вработените не биде пречка за функционирањето на хотелот што на тој начин работи веќе 14 години.

За нив, овој настан е можност како социјални претпријатија да се претстават пред заедницата и можеби да го привлечат вниманието на луѓето, бизнис-заедницата преку користењето на нивните производи и услуги да се помогнат социјалните компании и луѓето кои работат во нив.

– Сега е мошне модерно да се зборува за општествено одговорни компании. Апелирам на општествена одговорност, изберете некое хотелче како нашето кои нема пет ѕвезди или четири за организирање на вашиот семинар, тим-билдинг настан…На тој начин многу ќе придонесете за олеснување на животот и рамноправен третман на сите ранливи категории. А ранливи се бидејќи немаме работа, вели Стефановска. аб/дма/ 

Back to top button
Close
Close