БизнисДописници МКДОпштествоОпштински вести

Во Куманово саем на социјални претпријатија од североисточниот регион

Регионален саем на социјални претпријатија од североисточниот регион се одржа денеска во организација на регионалниот центар за поддршка на социјални претпријатија Куманово во рамки на проектот „Поддршка на социјални претпријатија“ во занаетчискиот дом Куманово.

Куманово, 23 ноември 2021 (МИА) – Регионален саем на социјални претпријатија од североисточниот регион се одржа денеска во организација на регионалниот центар за поддршка на социјални претпријатија Куманово во рамки на проектот „Поддршка на социјални претпријатија“ во занаетчискиот дом Куманово.

Дваесетина социјални претпријатија од североистокот ги понудија производите и услугите.

Тим лидерот на проектот „Поддршка на социјалните претпријатија“, Барбара Садовска во обраќањето пред посетителите и изложувачите од регионот, истакна дека е задоволна што во регионот постојат иницијативи за социјални претпријатија кои имаат силна социјална мисија и ги промовираат услугите и производите обезбедувајќи одржливо решение за ранливите категории граѓани.

– Навистина сум многу среќна што Куманово и целиот овој регион прави голем чекор, што е значаен за сите ваши сограѓани и за регионот. Целосната инклузија, креирањето можности за сите луѓе е нашиот предизвик и токму ова е тоа, на дело. Наша одговорност на сите кои сме вклучени во овој проект е да креираме здрав екосистем за развој на социјалното претприемништво и социјалните претпријатија. Сето ова надополнето со законски решенија, стратегии и акциски планови на централно ниво ќе даде дополнителна тежина кон препознавање, видливост и финансиска поддршка на социјалните претпријатија, рече Садовска.

За неа, отворањето на првиот саем на социјални претпријатија е уникатен настан каде што заедницата на социјални/солидарни претпријатија и граѓански организации имаат можност да се претстават пред општините, академската заедница, студентите, компаниите и граѓаните со цел да го покажат својот пристап за решавање на социјалните проблеми и да ги претстават своите услуги и производи.

Претставувајќи неколку искуства од Полска, Садовска истакна дека социјалното претприемништво и добрите практики во таа држава и во многу други земји покажале дека овој модел е корисен и ефикасен во социјалната реинтеграција и вработување на ранливите групи граѓани. Според неа, социјалните претпријатија се можност повторно да ги подобрат нивните животни услови и да изградат чувство на припадност и корисност.

Проектот „Поддршка на социјално претприемништво“, поддржан од Европската Унија, има важна улога во спроведувањето на концептот на социјалното претприемништво како алатка за социјална инклузија и одржлив локален развој во земјава. Со усвојувањето на стратегијата за СП проектот помогна во креирањето политика, а сега развива и правен еко систем – дефиниција, критериуми, и финансиски инструменти во законодавството за социјални претпријатија.

Проектот го спроведува Ептиса, во конзорциум со Барка и Екорис, во соработка со Министерството за труд и социјална политика.

Саемот е дел од серијата промотивни настани за социјалните претпријатија што ќе се одржат во сите региони низ државата. ам/цр

Таг
Back to top button
Close
Close