Дописници МКДОпштински вести

Во Куманово одбележан Денот на учителот

Учителите од Куманово го одбележаа денешниот 5 октомври, Меѓународен ден на учителот со активности со нивните ученици во библиотеката „Тане Георгиевски“.

Куманово, 5 октомври 2022 (МИА) – Учителите од Куманово го одбележаа денешниот 5 октомври, Меѓународен ден на учителот со активности со нивните ученици во библиотеката „Тане Георгиевски“.
Активностите во чест на денешниот ден ги организираа општинскиот огранок на Здружението на одделенски наставници од државата „Учител“, во соработка со библиотеката. Ликовните активности се реализираа во просториите на основните училишта „Крсте Мисирков“ и „Браќа Миладиновци“, а учениците литературно твореа на детскиот оддел во библиотеката.

Учителите од Куманово порачаа дека да се биде учител, наставник, професор, воспитувач е најблагородната, најубавата, но и најодговорната професија што подразбира огромна посветеност не само кон младата личност туку и кон оној на кој му се потребни знаења, вештини и мотивација.

Кумановските учители, коишто се членови на републичкото Здружение на одделенски наставници се првите во земјава коишто организираат ваква манифестација, истакна општинскиот координатор на ЗОН „Учител“ од Куманово, Душица Јакимовска.

– Здружението на одделенски наставници ЗОН „Учител“ на ниво на државата постои од 2021 година од март месец, го формиравме ентузијасти, одделенци, учителки. Направивме програма во која беа опфатени разни активности по повод одбележување на позначајните празници и датуми. Видовме дека членовите имаат потреба од едукација, од неразјаснети прашања, од насоки, имавме безброј прашања кои требаше да се обидеме да ги одговориме и почнавме да бараме соработници и ги најдовме во други здруженија, во педагошките факултети, во библиотеките, во општинските ресорни дејности значи на образовните институции, во сите училишта од државата. Учествуваме на конференции, организираме вебинари и семинари, работилници како на општинско ниво така и на училишно ниво, изјави Јакимовска.

На натпреварите учествуваа ученици од одделенска настава.

– Целта на настанот е да го одбележиме денот со тоа што ќе покажеме колкава е функцијата и значењето на учителот во развојот на секое дете затоа што тој со својата воспитно образовна дејност во голема мера го поттикнува, го мотивира, го охрабрува, му дава сигурност на детето и му помага во неговиот интелектуален и социо-емоционален развој, изјави одделенски наставник во ООУ „Крсте Мисирков“, Хилда Димитриевска.

И кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски го честиташе Денот на учителот, укажувајќи дека тоа е една од најубавите, но и најодговорните професии.

– Образованието е столбот на општеството, а вие сте столбот на образовниот процес. Затоа ќе продолжиме да се залагаме за подобри услови во училиштата, за учениците и за наставниот кадар со цел квалитетно образование за сите идни генерации, напиша Димитриевски, споделувајќи слика од првиот учител кумановец бил Денко Крстев. ам/дма/

Таг
Back to top button
Close
Close