Дописници МКДОпштествоОпштински вести

Во Крива Паланка одбележан Светскиот ден на пружање прва помош

Волонтери на Црвен крст на Република Северна Македонија-Општинска организација Крива Паланка со показна вежба и промоција на важноста од навремено и правилно укажување прва помош го одбележаа денешниот Светски ден по прва помош.

Крива Паланка, 16 септември 2021 (МИА) – Волонтери на Црвен крст на Република Северна Македонија-Општинска организација Крива Паланка со показна вежба и промоција на важноста од навремено и правилно укажување прва помош го одбележаа денешниот Светски ден по прва помош.

– Во периодот од 12 до 15 часот на централниот градски плоштад екипи по прва помош сочинети од волонтери-средношколци од кривопаланечката гимназија на поставениот пункт демонстрираа пред минувачите како правилно се пружа прва помош. Волонтерите на ОО Црвен крст Крива Паланка покажаа како се санира повреда, но и вербално ги објаснуваа начинот и постапката за правилно изведување. На граѓаните кои во овој период минуваа покрај пунктот им беа поделени и информативни флаери за прва помош. Беа поделени околу сто и педесет флаери, информира Иван Станковски од Општинската организација на Црвен крст Крива Паланка.

Секретарот на ОО Црвен крст, Крива Паланка, Дарко Пешовски, истакна дека во текот на месец септември ќе се реализираат низа настани за промоција на првата помош и позицијата што националното друштво ја има по законските измени.

– Секоја година на светско ниво умираат или искусуваат компликации милиони луѓе како последица на повреди кои не биле правилно или навремено третирани. Првата помош и реанимацијата се витални алки што ќе ги зголемат шансите за преживување на настраданите. Меѓународната федерација на Црвениот крст и црвената полумесечина ги гледа децата како важни провајдери на првата помош кои од најрани години би ги научиле вештините на укажување прва помош, а тоа би се постигнало доколку во образовниот курикулум се вметне и првата помош, изјави Пешовски.

Годинашното мото на одбележување на Светскиот ден на прва помош е „Биди херој во твоето училиште”. Во таа насока ќе се одржи и онлајн националниот квиз по прва помош на кој од Крива Паланка ќе учествува екипата што денеска одржа показни вежби, ќе се спроведе презентација и обука на наставници во училиштата, а ќе бидат поделени и прирачници за прва помош. ид/цр

Таг
Back to top button
Close
Close