0_Web_Актуелно0_МИА Истражува.ПорталМакедонија.СлајдерОпштествоТема

Во комуналните предмети на извршителите и неисплатени мобилни телефони од 70 000 денари

Граѓани земаат мобилни телефони од по 1 000 евра на рати, ги користат, но долгот не го отплаќаат. И ова е еден од комуналните предмети со кои се соочуваат извршителите, иако вообичаено ваквите предмети би требало да се однесуваат за неплатена струја, вода, парно...

Скопје, 21 септември 2022 (МИА) – Граѓани земаат мобилни телефони од по 1 000 евра на рати, ги користат, но долгот не го отплаќаат. И ова е еден од комуналните предмети со кои се соочуваат извршителите, иако вообичаено ваквите предмети би требало да се однесуваат за неплатена струја, вода, парно…

Претставници на Комората на извршители на Република Северна Македонија изминатиот викенд на тркалезната маса и обуката за новинарите што се одржа во Битола посочија дека се пренатрупани со комунални предмети, кои опфаќаат околу 80 отсто од работата.

Според нив, потребно е изедначување на комуналните со другите предмети, односно да немаат третман на субвенциониран долг, како и одредба доверителите да не можат да поднесат барање за извршување за основен долг помал од 500 денари.

Велат дека на тој начин ќе се подигне нивото на финасиска сигурност на канцелариите на извршителите, а воедно ќе се зголеми и бројот на вработените.

Извршителите информираа и дека во последниве неколку години намалeн e интересот на младите кадри за извршителската дејност. Ако во канцелариите на извршителите во 2017 година имало вкупно 650 вработени, сега нивниот број е преполовен и изнесува околу 330.

Според Комората на извршители, по намалените тарифи за извршителските налози, оваа професија станува економски неисплатлива. Интересот за оваа дејност во градовите надвор од Скопје е намален, поради што извршители од главниот град конкурираат и работат во други градови низ земјава.

Извршителите посочија дека само во последните две години, десетина од нив предвреме заминале во пензија или доброволно дале отказ.

За да се надмине оваа состојба, Комората до Министерството за правда иницирала измени на Законот за извршување, за што веќе е формирана и Работна група во која учествуваат претставници од ресорното Министерство, професори, извршители, апелациски судии, од Адвокатска комора, од Стопанска комора, од банките…

Првиот човек на Комората на извршители Ванчо Марковски вели дека бараат измени на Законот за извршување со воведување надомест за почнување процес на извршување. Тој додава дека не бараат ништо посебно, туку праксата да биде како во судот, каде нема почеток на судски процес без плаќање судска такса.

– Кога се поднесува барање за извршување со извршна исправа треба да се плати одреден износ за да може да почне да работи извршителот. Надоместокот би бил за обработка на податоци, кои на почетокот на постапката би требало да го плаќаат доверителите, објасни Марковски.

Тој информира дека во 2017 година беше воведено авансно плаќање и реализацијата на предметите на годишно ниво изнесуваше над 50 проценти, а другите години не е над 30 отсто.

– Извршител кој почнува без предмети, нема авансирање на трошоци, прилив на средства, па новите предмети кои ќе ги добие треба од дома да носи пари за да ги работи. Да направи услови да му функционира канцеларијата, компјутери, програма за водење, деловен простор, вработени, тековни трошоци. Кај предмети со процент на награда може да се заработи, но тие се ретки, рече Марковски и праша во кој бизнис се вложуваат 100 проценти работа, а 10 проценти е заработувачката.

Комората во 2022 година ќе продолжи со активности за електронско поврзување со државните органи, институции, регистри,.., со цел поекономично спроведување на извршувањето преку процесот на интероперабилност.

Трендови – сè почесто се напушта концептот на извршување во судовите и се оди на приватно извршување

Извршителот Јорданчо Давитковски од Крива Паланка направи споредба со извршителските системи во земјите од соседството, од регионот и од Европа. Според него, за поголема ефикасност на постапката на извршувањето во сите земји се оди кон воведување извршителски систем со приватни извршители или на комбиниран систем – дел во судовите и дел преку приватни извршители.

– Тренд во европските земји е да се напушти судскиот систем на извршување поради неефикасност и да се премине на други системи на извршување. Во нашата држава по донесувањето на Законот за извршување во 2005 година, кој стапи во сила во 2006 година, во континуитет се работи на подобрување на ова законско решение, се прават тековни измени и дополнувања согласно општествените текови, информира Давитковски.

Тој посочи дека во Холандија се применува извршителскиот систем, како и кај нас со приватни извршители, односно се напушта концептот на извршување во судовите и се оди на приватно извршување.

– Во приватното извршување нема можност за повторување на судската постапка. Овој систем е многу ефикасен и брз. Должникот нема можност да го  одолговлекува извршувањето, но има можност да поднесува правни лекови и приговори, меѓутоа тие приговори не го одлагаат извршувањето, појасни Давитковски.

Тој информира дека во Словенија и Хрватска се применува комбинираниот систем на извршување, додека Србија, Црна Гора и Кососво го прифатија системот на приватно извршување.

Во однос на иницијативи од некои граѓански здруженија за враќање на извршувањето во судовите, Давитковски смета дека таквата опција е чекор назад во ефикасноста на извршувањето, односно е апсолутно невозможно.

Извршителката Каролина Таневска од Прилеп се осврна на правните лекови во извршувањето, укажувајќи дека странката, учесникот или трето лице во постапката кое смета дека извршителот во постапувањето постапил незаконски или пропуштил да преземе определено законско дејство, може да поднесе приговор до Основниот суд на чие подрачје е извршувањето.

– Поранешниот закон регулираше дека претседателот на Основниот суд е тој што одлучува по приговорите, а во последните измени на Законот имаме надлежен судија кој според годишниот распоред за работа во судот одлучува по приговорот, рече Таневска.

Како што објасни, за да се отстранат сите сомневања во законитоста на постапката, може да се поднесе жалба по решението до Апелациониот суд што е од интерес како на странките што се засегнати од извршувањето, така и на извршителите. На тој начин, истакна Таневска, и странките можат да го остварат своето право доколку навистина има пропусти во извршителската постапка, но и извршителите се заштитени со судската одлука при евентуални понатамошни жалби за постапката.

Извршителката Таневска нагласи дека приговорите и жалбите немаат суспензивно дејство, односно не го одложуваат извршувањето, освен во специфични случаи регулирани со закон.

Таа појасни дека со Законот е предвидено и право на тужба, кое е единствено регулирано кога има заклучок за продажба.

– Учесникот на јавното наддавање може да поднесе тужба против заклучокот за продажба содржан во записникот, сметано од денот на одржаното јавно наддавање или од денот на потпишувањето на договорот за продажба. Ако судот по поднесената тужба издаде привремена мерка во рок од 15 дена од поднесувањето на тужбата, се одложува стекнувањето на правото на сопственост на начин што се одложува донесувањето на заклучок за продажба, рече Таневска.

Во првите шест месеци од годинава процентот на реализација на извршувањето е 11 отсто

Анализата на Комората на извршители покажува дека во првите шест месеци од годинава примени се вкупно 75 528 предмети, од кои 7 722 од физички лица, 66 823 од правни лица и 984 од државни органи.

Бројот, пак, на реализирани предмети по барања за извршување е 31 405, од кои решени се 8 333 предмети кои се примени во периодот јануари – јуни годинава, додека останатите 23 072 решени предмети се од претходните квартални периоди.

Процентот на реализација во првите шест месеци годинава, како што покажува анализата, бил 11,03 отсто.

Вкупната сума на наплатени средства од извршување во првите шест месец од годинава е 3 893 370 367 денари. Извршителите во овој период наплатиле најмногу парични средства од должници правни лица, 2 163 405 813 денари, потоа од физички лица, 1 178 438 441 денар и од државните органи, 589 039 203 денари.

Даниела Маркоска Алексовска

Таг
Back to top button
Close
Close