Дописници МКДЛокални избори 2021Општински вести

Во Делчево доделени уверенијата за градоначалник и членови на Совет

Општинската изборна комисија Делчево денеска го додели уверението за избран градоначалник и избраните 15 советници во Советот на Општина Делчево, со што започнува новиот мандат на седмата по ред локална власт во Делчево.

Делчево, 25 октомври 2021 (МИА) – Општинската изборна комисија Делчево денеска го додели уверението за избран градоначалник и избраните 15 советници во Советот на Општина Делчево, со што започнува новиот мандат на седмата по ред локална власт во Делчево.

Врачувајќи им ги уверенијата, претседателот на Општинската изборна комисија – Делчево, Борче Иванов истакна дека на локалните избори 2021 од вкупно запишаните 14.757 гласачи гласале 8.604 или 58,3 проценти од запишаните избирачи со право на глас.

-За кандидатот за градоначалник од редовите на СДСМ и Коалицијата гласале 51,01 отсто или 4.389 гласачи со што Трајковски по втор пат ја добива довербата од граѓаните на Делчево да ја води Општината, рече Иванов.

Тој на новиот состав на локалната власт во Делчево им посака успешна и конструктивна работа.

Од осамостојувањето на државата, градоначалникот Горан Трајковски е прв градоначалник на Делчево кој во континуитет по втор пат добива мандат од граѓаните. Изрази благодарност до ОИК Делчево за успешно реализираниот процес на локалните избори 2021, а посебна благодарност упати до граѓаните на Делчево, кои како што рече повторно му ја дадоа довербата да ја води Општина Делчево.

-Довербата од гласачите потврдува дека сме на вистинскиот пат во нашите напори да донесеме подобар квалитет на животот на нашите сограѓани. Воедно, им честитам и на новите советници и очекувам коректна и конструктивна соработка со Советот, порача Трајковски.

Во наредниот мандат, мнозинството во делчевскиот Совет ќе го предводи СДСМ и коалицијата со осум советници, наспроти шест советници од ВМРО ДПМНЕ и Коалицијата, додека еден советник е од партијата Левица.

Конститутивната седница на Советот на Општина Делчево ќе се одржи на почетокот на ноември. вс/ир

Back to top button
Close
Close