Дописници МКДОпштински вести

Во Дебар и Центар Жупа со две дози вакцинирани околу 7.500 лица

Во општините Дебар и Центар Жупа до денеска со две дози против Ковид-19 се вакцинирани околу 7.500 лица од кои над 1.200 во пунктови во Скопје и Охрид, додека останатите во Општата болница со проширена дејност во Дебар

Дебар, 22 септември 2021 (МИА) – Во општините Дебар и Центар Жупа до денеска со две дози против Ковид-19 се вакцинирани околу 7.500 лица од кои над 1.200 во пунктови во Скопје и Охрид, додека останатите во Општата болница со проширена дејност во Дебар.

-Во нашата установа до сега прва доза вакцина примиле 7.625 лица, додека од оваа бројка втора доза примиле 6.224 лица од двете општини. Аплицирани се вакцини од Астра Зенека, Синофарм, Фајзер. Во последните десеттина дена поголем е бројот на оние кои доаѓаат за ревакцинација. Секако тука треба да се вбројат и над 1.200 лица кои се вакцинираа во пунктови во Скопје и Охрид, изјави за МИА директорот на болницата, Баки Алили.

Во меѓувреме, според него, се намалува бројот на новозаразени, а со тоа и на хоспитализирани и на оние кои се лекуваат амбулантски.

-Моментно имаме осум КОВИД пациенти, од нив четворица се на кислородна поддршка, додека другите се со лесна клиничка слика. Многу е намален и бројот на оние кои амбулантски се лекуваат, сега десеттина дневно, а преполовен е и бројот на прегледи, кои претходно ги имавме по 60 дневно, додава Алили.

Според статитиката на Министертвото за здравство, на ова подрачје вкупниот број заразени изнесува 1.442, починати се околу 70, а активни се 127 лица. вт/мч/

Back to top button
Close
Close