0_Македонија.ПорталОпштество

Воспитувачи и наставници на дводневна конференција по повод Светскиот ден на наставниците

По повод Светскиот ден на наставниците, воспитувачите и наставниците од околу сто градинки и училишта, денеска и утре учествуваат на дводневна конференција за да дискутираат како да се интегрира искуственото учење во наставните програми, како поткрепа на учењето за животната средина и климатските промени во предучилишното и основното образование.

Скопје, 5 октомври 2022 (МИА) – По повод Светскиот ден на наставниците, воспитувачите и наставниците од околу сто градинки и училишта, денеска и утре учествуваат на дводневна конференција за да дискутираат како да се интегрира искуственото учење во наставните програми, како поткрепа на учењето за животната средина и климатските промени во предучилишното и основното образование.

Ова доаѓа како резултат на партнерството меѓу Министерството за образование и наука, Министерството за труд и социјална политика, УНИЦЕФ и партнерите. Како што соопштија од УНИЦЕФ, учесниците на конференцијата ќе имаат можност да споделат искуства од оваа иницијатива за развој на капацитетите во областа на искуственото учење.

На првиот ден од конференцијата, како што се наведува во соопштение, учествуваат наставници од основните училишта кои се вклучени во иницијативата, додека на вториот ден ќе учествуваат воспитувачи од градинките. На конференцијата особено внимание ќе им се посвети на професионалните заедници за учење преку кои наставниците и воспитувачите ќе може да продолжат да го споделуваат своето знаење, совети и алатки со кои ќе се обезбеди широка примена на искуственото учење во училиштата.

Според министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, учењето преку игра им овозможува на децата да ги изразат и прошират начините на кои се разбираат себеси и влијанието што го имаат на светот околу нив. Конференцијата, смета министерката, дава одлична можност воспитувачите кои учествувале во програмата, да ги поддржат колегите и да ги споделат со нив вештините и знаењето.

Изминатите две години, воспитувачите и наставниците од основните училишта учествуваа во иницијативата на УНИЦЕФ и партнерите за градење на капацитетите преку експерименти, практични активности и преку критички осврт на нивното стекнато искуство. Иницијативата беше креирана со цел да се обезбедат нови пристапи со кои ќе им се помогне на учениците подобро да ги поврзат работите што ги учат на училиште со секојдневниот живот.

Ами Ларсон Јаин, амбасадорка на Шведска во Северна Македонија денеска изјави дека наставниците покажаа оти знаењето не мора да се пренесува само со помош на книги и предавања, туку и преку интеракција и практична примена на знаењето. Дополнително, амбасадорката потенцираше за да се подготват учениците за динамична иднина полна предизвици, потребен е флексибилен и иновативен образовен систем.

-Климатската криза е прашање на детските права. Начинот на кој децата ја разбираат климата и кризата на животната средина е пресуден за нивната вклученост и влијание во општеството. Од оваа причина, воведувањето на образование за животната средина уште од најрана возраст е од суштинска важност за начинот на кој ќе одговориме на најголемиот предизвик на нашето доба – климатските промени и уништувањето на животната средина, изјави Артур Ајвазов, заменик претставник на УНИЦЕФ.

Наставата за темите поврзани со животната средина и климатските промени преку експерименти и практична примена е дел од програмата „Оспособување на децата и младите луѓе да бидат двигатели на промените за да ја намалат ранливоста на климатските промени за заедниците“ финансирана од Шведска и спроведена од националната канцеларија на УНИЦЕФ во Северна Македонија.бт/нд/

Таг
Back to top button
Close
Close