Дописници МКДОпштество

Волонтери од Црвен крст Делчево со низа активности по повод Неделата на младите

Во рамки на одбележувањето на Неделата на младите, волонтерите на Црвен крст Делчево во соработка со деветолетката „Св.Климент Охридски“ и ликовниот уметник Пепи Атанасов, денеска реализираа активности за разубавувањето на екстериерот во кругот на училиштето.

Делчево, 5 октомври 2021 (МИА) – Во рамки на одбележувањето на Неделата на младите, волонтерите на Црвен крст Делчево во соработка со деветолетката „Св.Климент Охридски“ и ликовниот уметник Пепи Атанасов, денеска реализираа активности за разубавувањето на екстериерот во кругот на училиштето.
Волонтерката Симона Ќурчиска истакна дека за ликовните дела користат сопствена инспирација со голема поддршка од уметникот Пепи.
– Се собравме со наши ликовни креации да го разубавиме општинското основно училиште „Св.Климент Охридски“, како дел од проектот по повод Неделата на младите. За ликовните дела користиме сопствена инспирација со голема поддршка од уметникот Пепи, на кој му се заблагодаруваме за сите дела кои ги насликал за поубаво Делчево, истакна Ќурчиска.
Нејзината сестра Анастасија, која исто така како волонтер учествуваше во активностите додаде дека вратите на Црвен крст се отворени и други млади да им се приклучат во рамки на сите зацртани активности кои ги имаат како волонтери.
– Јас сум волонтер веќе извесно време и освен денешната активност редовно учествувам и на други активности. Последната ни беше со децата од Дневниот центар за лица со посебни потреби, со кои неодамна имавме заедничка дружба кај комплексот Сандански. Апелирам до сите кои имаат желба да ни се придружат во нашите активности, додаде таа.
Од деветолетката „Св.Климент Охридски“ потенцираа дека добрата соработка која училиштето ја има со Општинската организација на Црвен крст, ќе продолжи и во наредниот период. вс/ар/

Таг
Back to top button
Close
Close