Дописници МКДОпштински вести

Викенд работилница со младите од Делчево за запознавање со ромската народна носија

Со работилница за запознавање на младите со ромската народна носија и изучување на народни песни и ора од регионот, Ромскиот културен центар „Тернипе МК“ од Делчево имплементираше дел од активностите по повод 15-годишниот јубилеј.

Делчево, 18 септември 2021 (МИА) – Со работилница за запознавање на младите со ромската народна носија и изучување на народни песни и ора од регионот, Ромскиот културен центар „Тернипе МК“ од Делчево имплементираше дел од активностите по повод 15-годишниот јубилеј.
Како што истакна Зенил Реџепов, кој ја имаше улогата на обучувач на работилницата, ромскиот фолклор е надалеку познат по својата мелоритмичка убавина и богатство, а тоа на најдобар начин го прикажуваат ромските културно-уметнички друштва од земјава.
– Во таа насока мошне релевантен е придонесот и на ромската фолклорна група која работи во состав на Ромскиот културно-едукативен центар „Тернипе МК“ од Делчево. По повод 15-годишниот јубилеј на РКЕЦ „Тернипе МК“ имаме планирано неколку активности. Моментално сме на завршетокот на викенд работилницата за изучување на народни песни и ора од регионот, на која што присуствуваат голем број на заинтересирани од училишната и студентската младина, рече Реџепов.
Помеѓу останатите активности, како што посочи Реџепов, ќе се одржи и главната имплементација за одбележување за 15-годишниот јубилеј со културно-уметничка програма.
– На овој настан насловен како „Денови на фолклорот – Тернипе Младост“ кој се реализира под покровителство на Министерството за култура, а ќе се одржи на средината на следната недела, ќе бидат доделени признанија за сите кои даваат свој придонес за развојот на ромскиот фолклор, додаде Реџепов.
Во склоп на денешната завршна викенд работилница присутните се запознаа со свечената ромска носија, која се употребувала на различни веселби, како и модернизиран вид на ромска носија која се користела на почетокот на новиот милениум. вс/фф/

Таг
Back to top button
Close
Close