0_Web_Избор на уредникот0_Македонија.Портал0_МИА Истражува.ПорталБизнисБизнис.ПорталБизнис.СлајдерЕкономијаМакедонија.СлајдерМИА ИстражуваОпштествоТема

Вакцинација или ПЦР-тест на трошок на работникот, синдикатите и работодавачите со аргументи „за“ и „против“

Синдикатите бараат ПЦР-тестирањето да не падне на товар на работниците бидејќи нивните пресметки покажуваат дека се потребни минимум 20.000 денари месечно за 10 ПЦР-тестирања. Од друга страна, Стопанската комора на Македонија бара задолжителната вакцинација да се воведе и во приватниот сектор сметајќи дека на тој начин ќе се постигне колективен имунитет и ќе се овозможи континуитет на работниот процес. Предлагаат за вработените кои не се вакцинирани или го немаат прележано вирусот, да се воведе задолжително тестирање најмалку еднаш неделно со брзи антигенски тестови со самотестирање или во државни и приватни дијагностички центри, а трошокот за тестирањето со брзите антигенски тестови да биде на товар на работникот.

Скопје, 21 ноември 2021 (МИА) – Новите мерки што ги предложи Комисијата за заразни болести се очекува утре да бидат разгледани на Главниот координативен штаб, по што за нив ќе треба да расправа и Владата. Комисијата бара вработените на работното место да приложат сертификат за вакцинација или негативен ПЦР-тест кој ќе важи најмалку 72 часа и ќе биде на трошокот на работникот, а оние кои го прележале вирусот, ќе може да приложат сертификат за прележан Ковид, но не постар од 45 дена. Доколку работникот има ретки имунолошки болести, тогаш ќе треба да приложи потврда од лекар специјалист дека не може да прими вакцина. Дел од мерките е и задолжителната вакцинација за сите здравствени работници.

Дали ќе бидат усвоени онака како што предлага Комисијата или ќе има измени, ќе се знае во текот на неделата.

Синдикатите бараат ПЦР-тестирањето да не падне на товар на работниците бидејќи нивните пресметки покажуваат дека се потребни минимум 20.000 денари месечно за 10 ПЦР-тестирања.

– Ако државата нема обезбедено финансиски средства во Буџетот за 2022 година за бесплатни ПЦР-тестови за сите работници, а работодавачите укажуваат дека товарот треба да падне на работниците за тестирањето за да можат да им дојдат на работа и да им работат за минимална плата од 15.200 денари и да им ствараат милиони во добивка, работниците побргу ќе умрат од глад отколку од корона, велат од Сојузот на синдикати на Македонија во изјава за МИА.

Велат не се против вакцинација, но сметаат дека таа треба да биде личен избор. Предлагаат преку едукативни кампањи и бенефиции да се поттикне населението на помасовна имунизација. За оние кои ќе се вакцинираат, предлагаат да добијат платен неработен ден поради зачестените пријави од работниците дека работодавачите ги тераат веднаш да одат на работа и не ги ослободуваат доколку имаат реакција од вакцината.

– Укажувавме дека пристапот за поттикнување и стимулирање треба да биде на начин на кој за имунизацијата, работниците ќе добијат повеќе информации, но и одредени бенифиции кои ќе беа дополнителен мотив, но за жал, Комисијата на барањата на работниците како на пример најмалку денот кога се вакцинираат да биде препорачано да биде платен неработен ден (поради зачестените пријави дека газдите ги тераат по вакцинацијата да се вратат веднаш на работа, а не ги ни ослободуваа доколку имаа реакција по примањето на вакцината во наредните денови) тие се огласија за ненадлежни, а од друга страна денеска сме сведоци како истата Комисија предлага и ги изложува работниците на сопствен трошок да прават ПЦР-тестови доколку одлучат да не се вакцинираат, наведува ССМ во одговорот.

И од Конфедерацијата на слободни синдикати реагираат дека се воведуваат мерки на присилна вакцинација и се прескокнуваат едукативните и стимулативните мерки кои биле спроведени во другите европски држави.

– КСС ги демантира властите во Македонија кои се обидуваат да пресликаат мерки од многу земји каде што се носат мерки за присилна вакцинација, прескокнувајќи ги сите едукативни и стумулирачки мерки кои ги нудеа и спроведуваа тие држави долго време. Ние прескокнувајќи еден цел процес, а почнувајќи од касно добивање на вакцини и спроведување кампањи, пристапуваме кон репресивни мерки на кои нормално работниците реагираат експлозивно, стои во одговорот што МИА го побара од КСС.

Двата синдиката, како најголеми во државата, бараат од Владата да не ги прифати мерките онака како што се предложени од Комисијата за заразни болести.

Од друга страна, Стопанската комора на Македонија бара задолжителната вакцинација да се воведе и во приватниот сектор сметајќи дека на тој начин ќе се постигне колективен имунитет и ќе се овозможи континуитет на работниот процес. Предлагаат за вработените кои не се вакцинирани или го немаат прележано вирусот, да се воведе задолжително тестирање најмалку еднаш неделно со брзи антигенски тестови со самотестирање или во државни и приватни дијагностички центри, а трошокот за тестирањето со брзите антигенски тестови да биде на товар на работникот.

– Доколку работодавачот се одлучи за правење антигентски тест во дијагностичките центри, работникот треба да приложи резултат издаден од лабораторијата каде е направен. Трошокот за тестирање со брзи антигенски тестови да биде на товар на работникот. За да нема дилеми во примената, се предлага Одлуката да се дополни и со тоа дека непочитувањето на пропишаната мерка за задолжително тестирање во случај кога вработеното лице не е вакцинирано или нема прележан КОВИД во последните шест месеци, претставува повреда на прописите за безбедност и заштита при работа, за што работодавачот применува мерки во согласност со прописите што ги регулираат работните односи (Законот за работните односи и колективните договори), по примерот на Словенија, изјави во средата потпретседателката на Комората, Анета Трајковска.

Од Комората предлагаат Владата согласно Законот за трговија да донесе одлука со која ќе ја определи највисоката цена (набавна односно увозна цена со оглед дека нема домашно производство зголемена за разумна маржа) за овој вид тестови со што би се спречила можноста од покачување на цените на антигенските тестови во услови на зголемена побарувачка.

Ставот на Сојузот на стопански комори, пак, е дека правото на вакцинација е лично право на избор и дека само со сеопфатни, интегрирани и добро испланирани мерки може да се заштити јавното здравје.

–  Нашиот став е дека правото на вакцинација која не е задолжителна е лично право на избор и не треба да се ограничува. Сметаме дека многу подобар ефект наместо со репресивни ќе се постигне со стимулирачки мерки и навремено обезбедување на повеќе видови вакцини и релевантни информации за нивната безбедност, наведе ССК во реакцијата по објавата на новите мерки.

Здравствените власти остануваат на ставот дека мерките мора да се спроведат онака како што се предложени со што ќе се зголеми опфатот на вакцинација како единствен излез од пандемијата. Велат дека пред нас е период во кој главно се престојува во затворени простории и сезона на настинки и грипови.

– Многу е тешко со сигурност да се каже во која насока ќе оди епидемиологијата, меѓутоа ние мора да се подготвуваме за лошите сценарија кои значат преоптоварени болници, полни ковид – центри и други одделенија кои ги пренаменуваме да бидат одделенија за ковид пациенти. Тоа не може да оди до недоглед, изјави министерот за здравство Венко Филипче во средата кога ги најави новите мерки.

Анализите на Министерството за здравство покажуваат дека е многу поголем процентот на невакцинираните граѓани кои се заразени и хоспитализирани отколку на вакцинираните, а и смртноста е драстично поголема кај невакцинираните. Оние кои биле вакцинирани, а починале, според здравствените власти, имале повеќе комбинирани хронични заболувања.

Новите мерки, доколку се усвојат, според предлогот на Комисијата за заразни болести, би стапиле на сила десет дена по усвојувањето за да граѓаните имаат временски период во којшто би се вакцинирале, додека за здравствените работници тој период е 30 дена.

Билјана Анастасова-Костиќ 

Back to top button
Close
Close