Дописници МКДОпштински вести

Бугарскиот амбасадор Ангелов во посета на Општина Кочани

Амбасадорот на Република Бугарија, Ангел Ангелов, заедно со сопругата Билјана Ангелова и дел од тимот на бугарската амбасада, денеска беше во посета на Општина Кочани и оствари средба со градоначалникот Љупчо Папазов.

Кочани, 2 декември 2021 (МИА) – Амбасадорот на Република Бугарија, Ангел Ангелов, заедно со сопругата Билјана Ангелова и дел од тимот на бугарската амбасада, денеска беше во посета на Општина Кочани и оствари средба со градоначалникот Љупчо Папазов.

На средбата се разговараше за проектите од Програмата за прекугранична соработка со Република Бугарија што веќе се завршени, а беше најавена понатамошна поддршка за инвестиции во различни области во општина Кочани.

Градоначалникот Папазов истакна дека со средства од ЕУ преку Програмата е завршена рехабилитацијата на дел од инфраструктурата и уредување на зелени површини во зоната Лесна индустрија во Кочани. Во заеднички проект со општина Рила, бугарската страна доби Дом на културното и историско наследство, а во Кочани се изгради и уреди Етно куќа. Исто така, дел од прекуграничната соработка е реконструкцијата на фасадата и обезбедувањето енергетска ефикасност на зградата на Општина Кочани, како и целосната внатрешна и надворешна реконструкција на Мултикултурниот центар во Кочани.

Резултат на досегашната соработка на општините од двете земји е реконструкцијата на спортско рекреативниот центар Бавалук во Кочани, што беше реализиран со поддршка од Амбасадата на Република Бугарија.

Амбасадорот Ангелов најави дека во наредниот период, преку програмите за финансирање, бугарската амбасада ќе даде целосна поддршка на проекти во Кочани што се однесуваат на реконструкција на училишта, градинки и други јавни објекти, како и поддршка во спроведувањето и презентирањето проекти од програмите на Европската Унија. та/мч/

Back to top button
Close
Close