0_Web_Актуелно0_МИА Истражува.ПорталМИА ИстражуваОстанатоСпортСпорт.СлајдерТема

Атлетска сала и стадион предуслов за поголеми успеси на домашните атлетичари

Дрита Ислами, Андреас Трајковски, Дарио Ивановски, Адријана Поп Арсова, Јован Стојоски и Матеја Ефремовска се само дел од македонските врвни спортисти кои немаат соодветни услови да се реализираат во целост како атлетичари. Стадион и сала за атлетика е она што им е неопходно за непречена работа, тренинг и поголеми достигнувања. Клубовите апелираат за истите, од Атлетската федерација велат дека се работи на случајот.

Скопје, 3 јули 2022 (МИА) – Дрита Ислами, Андреас Трајковски, Дарио Ивановски, Адријана Поп Арсова, Јован Стојоски и Матеја Ефремовска се само дел од македонските врвни спортисти кои немаат соодветни услови да се реализираат во целост како атлетичари.

Стадион и сала за атлетика е она што им е неопходно за непречена работа, тренинг и поголеми достигнувања. Клубовите апелираат за вакви објекти, а од Атлетската федерација велат дека се работи на случајот.

Дека кај нас дека сè уште не се вложува доволно во атлетиката, особено во зимскиот период, смета атлетичарката Матеја Ефремовска.

– Атлетиката, како кралица на спортовите, треба повеќе да се популаризира, мора да се инвестира, како во инфраструктурата, така и во тренерскиот кадар, односно да се направат во секој град атлетски патеки и финансиски да се поддржат клубовите и тренерите според остварените резултати во сите категории подеднакво. Најмногу недостасува атлетска сала за тренирање преку зима. Позитивна работа се ваучерите со кои последните неколку години остварените резултатите се вреднуваат повеќе, вели Ефремовска.

Атлетичарот Јован Стојоски, кој живее во Белград и тренира во подобри услови, е свесен за тешкотиите со кои се соочуваат македонските атлетичари.

– Атлетска сала е потребна во Скопје. Атлетика не е само спорт за лето, преку зима мора да тренираш уште посилно. Една атлетска сала во Скопје ќе ја подигне македонска атлетика за уште едно ниво. Исто така, потребни се повеќе атлетски патеки во Македонија. Моментално, македонската атлетика можеби е и најдобра во својата историја и треба да се искористи моментот. Добро е што Атлетската федерација работи со програмата „Детска атлетика“, која е важна за идните генерации, смета Стојоски.

За важноста да се подобри инфраструктурата како предуслов за доближување барем до најдобрите резултати на Балканот, често апелираат и клубовите.

Кире Синадиновски од Атлетскиот клуб Работнички вели дека инфраструктурата „како да ја нема“, а таа, според него, е еден од најважните сегменти за развивање на атлетиката.

– Тука пред сè мислам на соодветни простории за пресоблекување и туширање, потоа на атлетски стадион и атлетска сала кои ќе им бидат достапни на сите атлетски клубови 24/7 во текот на целата година. Во моментов имаме ограничен пристап на атлетската патека на Националната Арена „Тодор Проески“ и тренинзите претежно ги организираме во градскиот парк, каде што се направи некаква трим-патека со тартан подлога, но, не е баш соодветен простор за посериозни и професионални тренинзи. Стадион и сала за атлетика се основа за развој на овој спорт и тие постојат во секоја развиена држава. Кога ќе ги имаме овие услови, тогаш ќе имаме и повеќе натпревари, ќе можеме да организираме и повеќе меѓународни натпревари и така ќе се подобри и конкуренцијата во домашната атлетика, смета Синадиновски.

Резултатите кои ги постигнуваат, според него, не се соодветно наградени од надлежните институции и смета дека треба многу повеќе.

– Кај нас недостасува систем со кој би ги мотивирале младите да се занимаваат повеќе со атлетика, и воопшто со спорт. Најголем проблем е како младинците да ги задржиме да останат и како сениори во атлетиката. Бидејќи многу пати до сега се случувало талентирани атлетичари да тренираат до 17-18 години, потоа, кога веќе почнуваат да студираат, да размислуваат како до дојдат до егзистенција, едноставно ја напуштаат атлетиката и остануваат само упорните, а најдобрите резултати во атлетиката се остваруваат на возраст од 22 до 30 години, додава Синадиновски.

Како пример ги издвои Дрита Ислами и Андреас Трајковски, кои се натпреваруваат на меѓународни натпревари, соборуваат рекорди и остваруваат врвни резултати, но, според него, не го добиваат потребното внимание од институциите за да дојдат до уште поголеми успеси на меѓународна сцена.

– Најпрво матичната федерација треба да го подобри односот спрема клубовите и грижата за најдобрите атлетичари. Да има јасни правила и критериуми за вреднување и наградување на атлетичарите, тренерите и клубовите од страна на Агенцијата за млади и спорт. Да се вклучат што повеќе стручни кадри кои ќе работат со млади деца, а кога го кажувам ова, пред сè мислам на Факултетот за физичка култура, кој треба да создава нови атлетски тренери. Во основните училишта атлетиката да биде повеќе застапена преку разни програми од каде ќе се издвојат талентираните деца, бидејќи атлетиката е базичен спорт и основа за секој друг спорт, вели тој.

Синадиновски, кој е и директорот на престижниот Скопски маратон, заклучува дека сето ова е процес кој ќе трае неколку години и резултатите ќе дојдат, но, како што вели, „треба да се работи правилно и плански“.

Филип Колевски од АК Куманово вели дека функционираат во релативно добри услови, споредувајќи ги со оние што ги имаат повеќето клубови од другите градови.

– Основен проблем во Македонија се тартан патеките кои засега ги има само во Скопје, Охрид, Велес, Куманово и Крива Паланка. Во Куманово имаме патека намената како школска патека со круг од 200 метри кој на стандардна атлетска патека изнесува 400 метри. Како клуб дадовме акцент на условите за тренинг и вложувавме повеќе години во најразновидни реквизити и опрема за тренинг, тука сме на добро ниво. За посериозни атлетски тренинзи сме лимитирани од димензиите на нашата атлетска патека, посебно во оние тркачки дисциплини што најмногу ги тренираме, на пример 100 метри и 400 метри пречки, каде што може во тренажни услови да тренираме половина од целата должина на трката. Второ, затоа што патеката е од отворен тип. На неа постојано влегуваат голем број на рекреативци, деца, шетачи, родители со деца… па знаејќи ја нашата општа култура, не е ни чудно што луѓето на патеката се движат насекаде и во сите правци а во таква гужва не може да се реализира ниту одреден дел од она што треба да се тренира, вели тој, посочувајќи дека не е безбедно за тренинг и се зголемува веројатноста од повреди, заради наглото кочење при трчањето, кога некој невнимателен шетач ненадејно ќе влезе на патеката во која одреден атлетичар/ка трча со максимална брзина.

И според Колевски, најголем недостиг е немањето на услови за работа во зима, односно, тоа што нема атлетска сала.

– Тоа е период од некои пет месеци, каде што ние мора во голем дел да импровизираме со тренинзите. Македонија, Албанија, Црна Гора и Косово се единствените држави во Европа што немаат атлетска сала. Без атлетска сала е невозможно да се прават сериозни резултати, посебно во техничките дисциплини и трките со пречки. Атлетската сала не е само заштита од временски услови, туку пружа соодветни услови и реквизити за тренинг. Во тие месеци кај нас тренингот компаративно гледано е како кошарка без кошеви и баскети, ракомет без голови, и така натаму. Се трудиме редовно да одиме на подготовки во сала во зимските месеци (Белград, Софија), но, сепак, тоа е само еден краток период, а одзема значителен износ на финансиски средства, појаснува Колевски.

Тој вели дека финансиските услови во последниве три години се значително подобрени со финансирањето од АМС, преку Ваучер-системот.

– Претходните неколку години беа целосно секнати финансиите на клубовите. За жал, ние како најуспешен клуб (пет години најдобар клуб во државата) во тој период изгубивме голем број талентирани деца, од кои барем одреден дел можеби ќе продолжеа ако ги имавме условите како денес. Благодарни сме многу како клуб за континуираната целокупна поддршка од Општината. Изградбата на атлетската патека во Куманово е целосно финансирана од Општина Куманово, вели тој.

Колевски заклучува дека атлетиката како централен олимписки спорт во сите држави е под директна грижа од државата, а како држава, според него, ние сè уште немаме адекватен долгорочен систем за развој на спортот, а во исто време, како што вели, нема систем за изградба на инфраструктура по региони, градови и поддршка за развој на одредени спортови, а имаме клубови кои се целосно приватни и најчесто зависат од ентузијазмот на еден човек.

– Да се има некакви услови за работа за атлетиката, барем во поголемите градови, е неопходно ако сакаме да имаме воопшто врвни спортски резултати. Додека не се развие училишниот спорт во атлетиката и во другите индивидуални спортови, не може никогаш да имаме ниту јака атлетика, ниту спортски систем. Имаме едно школско првенство во атлетика во целата година, на кое се застапени околу 1/3 од сите атлетски дисциплини. Потребен е организиран систем на тренинзи и натпревари во атлетика во училиштата. Потребно е инволвирање и соработка на Министерството за образование, Факултетот за физичка култура и Агенцијата за млади и спорт во една „државна програма“ за развој на спортот, во која како и секаде, на централно место ќе биде атлетиката, вели Колевски

Атлетската федерација „работи на случајот“, соодветни услови предуслов за успех

Претседателката на Атлетската федерација на Македонија (АФМ), Александра Војнеска Зикова, вели дека интензивно и посветено се работи на прашањето околу изградба на атлетски стадион.

– Во тек се преговори со директорот на Агенцијата за млади и спорт (АМС), претставници на локалните самоуправи, со цел на изнаоѓање на идеално решение за изградба на атлетски стадион. Многу пати сум кажала, ќе го повторам тоа и сега, атлетиката е базичен спорт број 1 и основа за развој на генералниот спорт во една држава, така што, сметам дека изградбата на атлетски стадион, на атлетски терени, примарно од корист би била на атлетичарите, атлетските клубови, АФМ, меѓутоа, секундарно, бенефит од изградбата на тие терени ќе имаат сите федерации, сите спортови на кои што им е секако потребна физичката подготвеност, вели Војнеска Зикова.

Таа смета дека во изминативе неколку години сме сведоци на раст на атлетиката во Македонија, резултатски и квантитативно, и смета дека е дојден вистински момент атлетскиот стадион да стане реалност.

Посочува на реализација на проектот „Детска атлетика“, проект кој што, како што вели, „навистина беше потребен во македонската атлетика и проект кој што навистина даде импресивни резултати“.

– Самиот проект е планирано да продолжи со реализација и во наредните неколку години и после четири до пет години да ги осетиме бенефитите од имплементација на овој проект, рече таа.

Претседателката на АФМ кажа како е организиран целиот систем на национални натпревари, а поради подигнување на нивото на организација на тие натпревари информира дека била набавена нова електроника, ново електронско мерење, вклучувајќи ги и електрониката за мерење на погрешност, како и едукација и лиценцирање за националните судии.

– Би сакала да потенцирам дека голем удел во функционирањето на самата федерација има и помошта која ја добиваме од АМС преку ваучер системот, потоа помошта која ја добиваме од Европската и Светската федерација и, секако, спонзорите кои што се покрај нас првенствено за „Детската атлетика“, „Тутунска банка“, „Евина вода“ и „Виталија“, кои што навистина покажаа голем слух за атлетиката и даваат помош во сите случаи кога се обраќаме за помош, истакна Александра Војнеска Зикова.

Од Јавното претпријатие за станбен и деловен простор кое стопанисува со Национална арена „Тодор Проески“ нè информираа дека излегуваат во пресрет на сите атлетичари.

– Стадионот „Тодор Проески“ атлетичарите можат бесплатно да го користат секој ден до 18 часот. Ние имаме донесено таква одлука. Сите клубови кои се заинтересирани за користење треба да се координираат со Дејан Ангеловски, секретарот на Атлетската федерација на Македонија, посочи Дејан Тодоровски, одговорен за стопанисување со нашиот најголем стадион.

Од Агенцијата за млади и спорт, која беше посочена од атлетичарите и клубовите како клучен фактор и еден од главните помагатели на овој спорт преку Ваучер-системот, до објавувањето на сторијата не добивме одговор за нивниот став околу потребата за изградба на атлетски стадион и сала и состојбата со атлетскиот спорт во нашата држава.

Нашите атлетичари заслужуваат соодветни услови за тренирање и непречена работа преку целата година, независно од временските услови и натпреварувачкиот календар на клубови од други спортови.

Актуелното раководство на Атлетската федерација на Македонија, кое значително го подигна нивото на овој спорт во нашата држава, посветено работи да се реши и ова прашање. Веруваме дека со помош на Агенцијата за млади и спорт во многу скоро време ќе бидеме сведоци на нов атлетски дом со стадион и сала, како еден од предусловите да се доближиме најпрво до резултатите на балканските, а потоа и до европските и светските атлетски ѕвезди.

Ангела Рајчевска

Зоран Стерјовски

Фото: МИА Архива

Таг
Back to top button
Close
Close