0_Web_Актуелно0_МИА Истражува.ПорталИнтервјуКултураКултура.Слајдер

Александар Наумоски за МИА: Иконостасот на црквата „Света Злата Мегленска“ во Загреб е уникатен во техниката на изработка

-Впрочем, за прв пат за изработка на мермерен иконостас си дадов слобода да навлезам многу подлабоко во самиот мермер, за да се истакнат што повеќе формите и декорациите, фрлајќи сенки на самиот материјал, за разлика од досегашните изработки на слична проблематика. Со тоа можам слободно да кажам дека овој иконостас е уникатен во техниката на изработка, вели Наумоски.

Скопје, 28 август 2022 (МИА) – Со Александар Наумоски, скулптор и графички дизајнер, креатор на мермерниот дел од иконостасот во првата црква на МПЦ-ОА во Хрватска, „Света Злата Мегленска“ во Загреб зборувавме за предизвикот да се направи едно вакво дело во кое се испреплетени духовното, традиционалното, уметничкото, занаетот…, за тоа што е следно и кои се новите предизвици.

Мермерниот дел од иконостасот во оваа црква претставува своевидно уметничко дело, изработувано рачно 18 месеци за што се употребени 5,5 тони мермер и тоа бел прилепски мермер Сивец, а потоа е додаден и мариовскиот Оникс.

– Впрочем, првпат за изработка на мермерен иконостас си дадов слобода да навлезам многу подлабоко во самиот мермер, за да се истакнат што повеќе формите и декорациите, фрлајќи сенки на самиот материјал, за разлика од досегашните изработки на слична проблематика. Со тоа можам слободно да кажам дека овој иконостас е уникатен во техниката на изработка, вели Наумоски.

Мотивите се многу слични на слепченската резба, но, потенцира Наумоски, разликата е во длабочината на изработката.

– Во принцип се користат келтски „чворови” при декорирање на ваков тип иконостас. Кај дрвениот на пример има повеќе видови на техники, додава скулпторот.

Во продолжение следи интегралното интервју со Александар Наумоски.

Од каков мермер и колку материјал беше потребен да се направи иконостасот? 

Пред се, сакам да ви се заблагодарам за одвоениот простор и време за ова интервју. Уште на самиот почеток кога се договаравме за проектот, идејата на Владиката Пимен беше да се користи белиот прилепски мермер, познат под името Сивец. На мој предлог го додадовме и мариовскиот Оникс, кој е исто така карактеристичен камен од нашиот крај. Целта беше комплетно да се изработи од македонски камен. Вкупно материјал излезе 5,5 тони или речиси два кубни метри, сегментиран на 46 парчиња.

Колку време беше потребно да се работи на него и какви техники се користени за негова изработка?

Со оглед на фактот дека целиот иконостас е рачно работен и комплетно сам, без никаква помош, вкупното време за изработка беше 18 месеци, што и не е така лошо. Впрочем, првпат за изработка на мермерен иконостас си дадов слобода да навлезам многу подлабоко во самиот мермер, за да се истакнат што повеќе формите и декорациите, фрлајќи сенки на самиот материјал, за разлика од досегашните изработки на слична проблематика. Со тоа можам слободно да кажам дека овој иконостас е уникатен во техниката на изработка. Мотивите се многу слични на слепченската резба, но разликата е во длабочината на изработката. Во принцип се користат келтски “чворови” при декорирање на ваков тип иконостас. Кај дрвениот на пример има повеќе видови на техники.

Имајќи предвид дека се работи за многу голема тежина и специфична изработка, како го однесовте изработениот мермер од Скопје во Загреб?   

Како што кажав во одговорот на првото прашање, сите 46 парчиња се транспортирани со шлепер до Загреб, а после тоа следуваше изработка на челична конструкција и монтажа на сите елементи која траеше две недели.

Целиот иконостас во Црквата „Света Злата Мегленска“ е дело на тројца уметници, вие – Александар Наумоски, скулптор, проф. Ангел Миов, кој ги изработуше престолните икони и копаничарот Јане Крстески, кој ги изработи дверите. Дали соработувавте при изработката на иконостасот и како изгледаше тој долготраен процес?

Кога го склучив договорот за изработката, тогаш бев и информиран за останатите учесници во проектов. Нормално дека се искоординиравме во поглед на димензии, како и во поглед на дизајн. Двајцата колеги се покажаа како одлични соработници. Огромна благодарност и до Војо Ристоски од Струга, кој беше задолжен за монтажата, како и до отец Кирко Велински, кој срдечно не пречека во Загреб.

Што е вашиот следен предизвик?

Моментално, единствениот предизвик ми е да завршам со постдипломските студии на Факултетот за ликовни уметности, се надевам до крајот на годинава. Тоа ќе биде една серија на скулптури на тема која не сум ја работел до сега и е комплетно различна од досегашниот мој пристап кон делата. Секако, ќе следи и изложба со тие дела, но рано е се уште да зборуваме за тоа.

Како ги избирате материјалите што ќе ги користите за следни скулптури и од каде или од кого најчесто ги добивате инспирациите?  Последните изработки ви се во мермер, додека по дипломирањето работевте во метал. 

Со метал работев во тој период после дипломирањето. Сега сум стриктно ориентиран на скулптури и други предмети од камен. Сега сум стриктно ориентиран на скулптури и други предмети од камен и сите идеи на кои работам се строго определени да бидат изработени од овој материјал. Тука не станува збор само за скулптури, туку и умивалници и други предмети изработени од камен или мермер за секојневна употреба.

Освен со скулптура, вие сте и графички дизајнер. Колку оваа ваша професија ви помага во креирањето на новите дела?  

Искрено, многу. Благодарение на познавањето на апликациите за графички дизајн, многу полесно можам да си ги претставам проектите како на клиентите, така и на сам себеси.

Елизабета Вељановска Најдеска 

ФОТО: Архива Александар Наумоски 

Таг
Back to top button
Close
Close