• A-
  • A
  • A+

петок, 23 јуни 2017, 

Со „Бајки од Македонија“ одбележан Светскиот ден на раскажувањето сказни

Со „Бајки од Македонија“ одбележан Светскиот ден на раскажувањето сказни

Скопје, 20 март 2017 (МИА) - Со читање приказни од едицијата „Бајки од Македонија“ пред првачињата од основното училиште „Коле Неделковски“ денеска во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ беше одбележан Светскиот ден на раскажување сказни. Наратори на приказните беа актерите Теоман Максут и Миа Кантарџиева.

Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – „Браво сине“ и издавачката куќа „Арс Ламина“, во чие издание е едицијата, на Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ и донираа 40 комплети „Бајки од Македонија“.

Ангелка Пеева Лауренчиќ, член на Управниот одбор на Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – „Браво сине“ истакна дека до неодамна доминантни биле бајки од други држави, а не од Македонија. 

- Креативниот израз на младите илустратори кои ги наградивме, односно ја наградивме Кристина Николовска го даде резулатот и веќе тоа се ликови кои младата генерација ги прифаќа за свои, а со тоа се приближува кон читањето. Поттик повеќе да продолжиме понатаму и да издавме уште бајки од Македонија. Читајте бајки, читајте книги, рече Пеева Лауренчиќ. „Браво сине“ донација

Раководителот на издаваштво во „Арс Ламина“ Бранка Бугариска нагласи дека целта што сакале да ја постигнат е децата да бидат нестрпливи, да читаат и слушаат уште бајки.  

- Во таа насока ќе продолжиме да работиме, заедно да создаваме нови едиции и да им донесеме на децата уште интересни бајки што доаѓаат токму од нашата држава и да градиме нова читателска публика, потенцира Бугариска. 

Едицијата „Бајки од Македонија“ е составена од четири бајки – „Вејко Северко“, „Двата цара“, „Момчето што се скри во златното јаболко“ и „Девојчето и 12-те месеци“ и претставува модернизирана и адаптирана форма на приказни од македонското народно творештво собрани од Марко Цепенков и од Танас Вражиновски. Во изборот на бајките учествуваше и Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ од Скопје. Илустрациите на приказните во едицијата „Бајки од Македонија“ ги изработи младата дизајнерка Катерина Николовска, која беше избрана на јавен конкурс. мд/са/14:56

###

НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ