• A-
  • A
  • A+
сабота, 25 февруари 2017, 

На денешен ден

На денешен ден

11 јануари 2017 (МИА)

347.- Роден е византискиот (римски) цар Теодосиј Први, наречен Теодосиј Велики, кој владеел од 379 до 392 година, кога успеал да го обнови Царството во полн состав. До смртта во 395 година владеел со Рим како последен владетел на единствената империја. Пред крајот на владеењето одлучи власта во Источното римско царство да му ја предаде на постариот син Аркадиј, а Западното на помладиот Флавиј Хонори. Западнато царство пропаднало со последниот римски цар Ромул Авустул во 476 година кое го срушил германскиот водач Одоакар, а Источното (Византија) останало уште илјада години.

1569.- Во Англија, под патронат на кралицата Елизабет Прва, во катедралата Свети Павле во Лондон првпат е организирана лотарија.

1693.- Во земјотресот што се случил во Катанија, Италија, загинале околу 80.000 луѓе.

1814.- Во Торино е роден Танкреди Пазеро, еден од најголемите италијански оперски бас пејачи. Умрел во Милано, на 20 февруари 1893 година.

1866.- Во бродоломот на англискиот брод „Лондон“ на патот за Австралија загинале 231 патник.

1886.- Во Њујорк се одржал првиот шаховски натпревар за првак во светот меѓу Вилхелм Штајниц и Јохан Цукерторт, кој го добил Штајниц со резултат од 10:5, со пет реми-натпревари. Титулата ја одбранил во 1889 и во 1892 година во натпреварите против Михаил Чигорин, но во 1984 година бил поразен од Емануел Ласкер со резултат од 10:5, со четири реми-натпревари. Напишал „Учебник за модерниот шах“, кој се смета за основа на модерната шаховска стратегија.  

1897.- САД и Велика Британија се согласиле со арбитража да ги регулираат границите меѓу британскиот доминион Канада и Алјаска, огромна територија од 1,5 милиони квадратни километри, која Американците во 1867 година ја купиле од Русија за 7,2 милиони долари. Утврдените граници се непроменети до денес.

1907.- Во Охрид умрел Никола И. Чудов, македонски учител, револуционер и писател. Бил писар во Охридската митрополија, учител во Охрид и Охридско, во Струшко и во Дебарско. Особено е значаен неговиот придонес во работата на охридското друштво „Свети Климент“ и во неговиот Таен револуционерен кружок, како и во дејноста во ВМРО во Охридско. Меѓу другото ја напиша спомен-песната за дрвото „чина“т во Охрид, засадено на 19 април 1983 година, а по повод илјадагодишнината од смртта на Свети Методиј. Роден бил во Охрид, околу 1865 година.

1920.- Во Скопје е роден  Славко Јаневски, поет, романсиер, писател за деца, сценарист, сликар и академик. Во 1945 година излегла неговата прва книга поезија „Крвава низа“. Неговото книжевно дело е богато и разновидно. Позначајни дела: “Село зад седумте јасени“, „Две Марии“, „Тврдоглави“, „Деветте Керубинови векови“, „Каинавелија“, „Зад тајната врата“ и други. Носител бил на највисоки македонски и бившојугословенски книжевни и државни награди. Умрел во Скопје, на 30 јануари 2000 година. Во негова чест во паркот „Жена-борец“ во Скопје е поставен споменик изработен од академик Томе Серафимовски и била именувана читална во Скопје која била пуштена во работа во 2013 година.

1922.- Регистриран бил првиот пациент кој со инсулин бил лекуван од шеќерна болест. Тоа бил 14-годишниот Канаѓанец Ленард Томпсон.

1928.- Умрел Томас Харди, англиски писател. Поради специфичниот реализам и вонредно пластичниот опис на амбиентот во кој се случувало дејството во неговите романи, него го сметале за најдобар англиски автор од тоа време - "последен викторијанец". Неговите дела целосно го застапуваат трагично-фаталистичкиот поглед на светот. Роден бил на 2 јуни 1840 година.

1942.- Роден е американскиот филозоф и психолог Вилијам Џејмс, творец на персоналистички верзии на прагматизмот според кој во основата на вистинските сознанија лежи „желбата за верување“. Дела: „Прагматизам“, „Принципи на психологијата“, „Желба за верување“, „Есеи за радикалниот емпиризам“, „Разлики во религиозното искуство“.

1945.- Во Скопје е одржана Првата конференција на балканската младина на која присуствувале делегати од Југославија, Грција, Албанија и Бугарија. Меѓу другото, била донесена Резолуција за зближување на младината од балканските земји.

1946.- Уставотворното собрание во Тирана ја прогласило Албанија за Народна Република.

1962.- Снежна лавина го уништила селото Хуаскаран во Андими при што усмртил повеќе од 3.000 луѓе.

1966.- Умрел швајцарскиот скулптор и сликар од италијанско потекло Алберто Ѓакомети, чии обемни и различити дела се израз на речиси сите доминантни струења во уметноста во 20. век.

1976.- Претседателот на Еквадор Родригес Лар бил тргнат од функцијата со воен удар.

1990.- Во Скопје умрел Асен Тодоров, еден од доајените на македонското новинарство кој поголем дел од работниот век го поминал во редакцијата на весникот "Нова Македонија". Посебно се истакнал како едукатор на неколку квалитетни генерации новинари во тиј весник. Роден е во Скопје, на 17 февруари 1913 година.

1994.- Република Финска и Република Македонија воспоставиле дипломатски односи.

1995.- Република Македонија воспоставила дипломатски односи на ниво на амбасадори со Република Романија и со Кралството Саудиска Арабија.

2000.- Во селото Арачиново, Скопско, пред стадионот на фудбалскиот клуб „Шкендија“, убиени биле тројца припадници на Министерството за внатрешни работи на Република Македонија (Ерол Готак - на 27 години, Кирил Петрушевски - на 23 години и Ацо Ангеловски - на 26 години).

2008.- Умрел сер Едмонд Персифал Хилари, новозеландски алпинист и истражувач. На 29 мај 1953 година, како член на британската експедиција го освоил највисокиот врв во светот Монт Еверест (8.848 метри). Тој на врвот се искачил заедно со Шерпасот Тенцинг Норгај. Со астронаутот Нил Армстронг, првиот човек кој стапна на Месечината, Хилари во 1985 година бил и на Северниот пол. Освен Монт Еверест, помеѓу 1956 и 1965 година освоил уште десетина хималајски врвови. Од 1985 до 1989 година ја извршувал функцијата новозелански амбасадор во Индија.  Роден бил во близината на Окланд, на 20 јули 1919 година. 

###

 

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ