• A-
  • A
  • A+

недела, 28 мај 2017, 

На денешен ден

На денешен ден

10 јануари 2017 (МИА)

49 г.п.н.е.- Гај Јулиј Цезар (римски војсководец, државник, диктатор) ја изговорил познатата реченица "Коцката е фрлена", по што ја минал реката Рубикон (денешен Вар), со што почнала граѓанската војна со приврзаниците на Помпеја која завршила со воведување негова лична диктатура. Во 44 г.п.н.е. Цезар бил убиен од припадниците на републиканската опозиција.

1778.- Умрел Карл фон Лине, шведски ботаничар-систематичар, прв претседател на Шведската академија на науките, еден од најголемите дескриптивни ботаничари на сите времиња. Прв ги дефинирал родовите и ја вовел двојната номенклатура за означување на растенијата и животните. Роден бил во 1707 година.

1862.- Умрел американскиот пронаоѓач Семјуел Колт. По неговото презиме е наречен и пиштолот кој тој самиот го конструирал.

1863.- Во Лондон, Велика Британија, била пуштена во работа првата подземна железница или метро во светот.

1891.- Во Белград умрел Лаза Лазаревиќ, српски писател, преведувач, правник и член на САНУ. Од неговите дела најпознати се „Првпат со татко на утрена“, „Сето тоа народот ќе го позлати“, „Ветер“, „На бунарот“ и други. Роден бил во Вршац, на 15 мај 1851 година.

1897.- Во Прилеп е роден Методија Шаторов – Шарло, македонски комунист и национален деец. Како долгогодишен активист во комунистичкото движење, Шарло непосредно пред Втората светска војна  доаѓа на чело на Покраинскиот комитет на Комунистичката партија на Македонија за Македонија и на почетокот од бугарската окупација на Вардарска Македонија ја приклучува македонската комунистичка организација кон Бугарската работничка партија. Овој потег е осуден од страна на југословенското комунистичко раководство, тој е исклучен од КПЈ, а по ослободувањето официјалната македонска комунистичка историографија ќе го третира Шарло исклучително негативно.

1910.- Родена е руската балерина Галина Сергејевна Уљанова, водечка балерина во „Болшој театар“ по Втората светска војна. Дебитирала во 1928 година во „Киров театар“, веднаш искажувајќи го раскошниот талент, а набрзо станала и примабалерина на „Болшој театар“. Брилијантно ги играла водечките улоги во балетите „Лебедово езеро“, „Заспаната убавица“, „Оревокршачка“ „Жизела“, „Пеперутка“, „Ромео и Јулија“. По завршувањето на кареиерата станала балетски педагог во кореографската школа на „Болшој театар“.

1917.- Умрел Бафало Бил, легендарна личност од историјата на Америка за време на освојувањето на териториите на Западот на денешните САД. Роден бил како Вилијам Фредерик Коди, а прекарот го доби поради вештините во ловење бизони.

1920.- По иницијатива на претседателот на САД, Вудро Вилсон, формирана била Лигата на народите со седиште во Женева. Целите на оваа организација биле да се зачува мирот и да се зајакне меѓународната соработка. Нејзината активност не ги донесла очекуваните резултати. Фактички престанала да дејствува уште во 1940 година, а формално била укината во 1946 година.

1922.- Артур Грифит станал првиот претседател на Ирска по стекнувањето на независноста на земјата од Велика Британија.

1951.- Во Рим умрел Синклер Хари Луис, северноамерикански писател. Во неговите дела се откриваат заблудите и сопствените залажувања на современото американско општество. Негови познати дела се „Елмер Гантри“, „Главна улица“, „Тоа овде не е можно“, „Кралска крв“ и други. Во 1930 година ја добил Нобеловата нарада за литература. Роден бил во Сок Сентер, Минесота, САД, на 7 февруари 1885 година.

1961. – Во Штип е роден Жан Митрев, еден од најпознатите македонски кардиохирурзи.  Основач, сопственик и менаџер е на Специјалната болница „Филип Втори“.

1969.- Шведска е првата западна држава која воспостави дипломатски односи со Северен Виетнам.

1971.- Умрела француската модна креаторка Габриела „Коко“ Шанел, една од светските „модни диктатори“ на 20. век. Таа со нејзината париска мода владеела шест децении.

1975.- Пуштен бил во сообраќај три километри долгиот тунел под реката Елба или Лаба, што ги споил автопатиштата од Централна Европа со тие во Данска и во Шведска.

1986.- Во Прага умрел Јарослав Сајферт, чехословачки писател, поет, лиричар, чии стихови ги воспеваат младоста, надежта, љубовта кон природата и солидарноста со потчинетите. Познати се неговите стихозбирки „Град на солзите“, „Славејот лошо пее“, „Изгаснете ги светилките“, и „Додека не падне дожд на нашиот мртовечки сандак“. Во 1984 година ја добил Нобеловата нагрда за литература. Роден бил во Прага, на 23 септември 1901 година.

1991.- Генералниот секретар на Обединетите нации Хавиер Перес де Куељар отпатувал за Багдад но не успеал да ја спречи Заливската војна во која западните земји под водство на САД и нанесле тежок пораз на ирачката армија, која претходно го окупирала Кувајт.

1994.- Владата на Република Македонија донесла одлука за пристапување на Република Македонија кон Конвенцијата за меѓународен превоз со железница од 1980 година.

1996.- Генералниот секретар на Обединетите нации Кофи Анан ја посетил Република Македонија.

1996.- Израел пуштил од затвор стотици Палестинци, неколку дена во очи на првите палестински национални избори во Газа на Западниот Брег.

1996.- Република Македонија и Европската унија воспоставиле дипломатски односи.

1997.- Во Софија неколку десетици илјади луѓе демонстрираа против владата на Социјалистичката партија на Бугарија, а најгорливите демонстранти го пробиле полицискиот кордон и влегле во зградата на собранието и го демолирале.

1999.- Во Скопје умрел Симон Дракул, македонски писател, литературен преведувач, публицист, филмски сценарист и историограф. Mеѓу најзначајните негови дела се романот „Белата долина“, театрологијата „Или смрт“, монодрамата „Апостол војвода“ и други дела. Роден бил во селото Лазарополе, Гостиварско, на 28 декември 1930 година.

2007.- Во Женева умрел Карло Понти, познат италијански филмски продуцент. Соработувал со прочуените режисери како што се Фредерико Фелини и Жан Лик Годар. Понти бил човекот кој ја открил актерката Софија Лорен, за која подоцна и се ожени. Роден бил во Маџента, близу до Милано, во 1912 година.

2007.- Во Скопје умрел Љупчо Стојменски, македонски поет и преведувач. Автор е на книгите „Меѓу двата брега“, „Крај тешките води“, „Вистини и сништа“, „Куршуми низ времето“ и други. Роден бил во Штип, на 20 ноември 1931 година. 

2013.– Во Охрид умрел Кузман Поп Стефанија, долгогодишен член и водач на ансамблот „Билјана“ од Охрид. Поп Стефанија бил член на сите состави на ансамблот „Билјана“ од неговото формирање пред повеќе од пет децении, како инструменталист на хармоника. Заедно со другите членови на ансамблот зад себе остави над 300 снимки на стари охридски староградски песни и препеви, седум албуми и неколку сингл-плочи.

2015.- Во Рим на 92-годишна возраст починал еден од најпознатите италијански режисери Франческо Роси. Роси се прославил со филмот за сицилијанската мафија „Салваторе Џулијано“ во 1962 година, со кој освоил „Сребрена мечка“ за режија на Филмскиот фестивал во Берлин. Во 1972 година Роси освои „Златна палма“ во Кан за филмот „Аферата Матеи“.  Тој бил еден од најистакнатите претставници на постнеореализмот во италијанската кинематографија заедно со Пазолини и со браќата Тавијани. Роси бил зачетник на политичкиот трилер во европската кинематографија. 

2016.- На 69 години починал популарниот британски пејач и актер Дејвид Боуви. Пред околу еден месец го издал својот нов сингл „Blackstar“. Тој бил музички активен цели пет децении и бил склон кон менување на музичкиот стил и имиџот. Првата песна со која се прославил Боуви бил синглот „Space Oddity“ од 1969 година, која поради симнувањето на Месечината имаше голем успех. Најзначаен албум на Дејвид бил „The rise and the fall of Ziggy Stardust and the spiders from Mars“. Боуви останал активен до последниот ден. Покрај музиката, се занимаваше со глума, една од неговите највпечатливи улоги е ликот на Никола Тесла, кој го играл во филмот „Престиж“ на познатиот режисер Кристофер Нолан.

###

 

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ