• A-
  • A
  • A+

сабота, 29 април 2017, 

Иванов и Димитриев на божикна литургија во Соборниот храм во Скопје

Иванов и Димитриев на божикна литургија во Соборниот храм во Скопје

Скопје, 7 јануари 2017 (МИА) - Во Соборниот храм „Св.Климент Охридски“ во Скопје денеска по повод големиот празник Рождество Христово - Божик се одржа Архиерејска Златоустова литургија со која чиноначалствуваше поглаварот на Македонската православна црква - Охридска архиепископија, г.г. Стефан.

На литургијата присуствуваа претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов и претседателот на Владата за спроведување на изборите Емил Димитриев.

По завршувањето на литургијата Иванов и Димитриев на граѓаните со православна вероисповед им го честитаа Божик и им посакаа здравје, радост и среќа.

- Сакам да им го честитам овој голем празник на сите граѓани на Република Македонија кои го слават Христовото раѓање - Божик и да им посакам многу здравје, радост и среќа. Посакувам сето она што го имаме овие денови, сета радост, сета добрина и убавина да не следи во текот на целата година. Посакувам да ја споделуваме радоста и да се чувствуваме добри и да го славиме животот. Христос се роди навистина се роди, истакна претседателот Иванов.

Во семејството Иванови на бадниковата вечер паричката се паднала кај синот Иван. 

Димитриев им го честиташе Божик на сите православни христијани кои го празнуваат, како што рече, овој пресветол празник од нашата историја.

- Нека Исусовото дело кое што го празнуваме деновиве биде пример и поука за сите нас дека со разум, со позитивна енергија и мисла се надминуваат и најголемите предизвици. Така и ние денеска живееме во едно исклучително турбулентно време на општествен и политички план, меѓутоа се надевам дека кај сите фактори и сите чинители ќе надвладее разумот, ќе надвладеат пораките кои деновиве ги слушаме од храмовите на нашата Македонска православна црква и дека Република Македонија, македонскиот народ оваа година ќе живеат многу порелаксирано во една попопозитивна атмосфера споредено со годината која ја напуштивме, додаде Димитриев. рп/скс/11:50

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ