• A-
  • A
  • A+
четврток, 19 октомври 2017, 

Бездомните ќе се згрижуваат по најавите за екстремно ниски температури

Бездомните ќе се згрижуваат по најавите за екстремно ниски температури

Скопје, 4 јануари 2017 (МИА) - Министерството за труд и социјална политика, зедно со центрите за социјална работа и општинските организации на Црвениот крст ќе ги идефнтификуваат сите бездомни и лица во ризик, и времено ќе ги сместува во двата прифатни центри во Момин Потик и Чичино село. Оние семејства кои имаат деца помали од три години ќе се сместуваат во „Ранка Милановиќ“ и „25 Мај“.

Доколку се јави потреба за сместување на лица надвор од Скопје, во соработка со МОН ќе бидат отворени училишните интернати низ градовите во Македонија, а ако некој има потреба за згрижување или пак некој граѓанин забележи лице на кое тоа му е потребно може да се пријави на бројот 195.

Ова се дел од мерките за чие спроведување се договориле на денешната средба претставници на МТСП, Црвениот крст и Центрите за социјална работа.

- По препораки на Управувачкиот комитет за кризи МТСП доби одредени задолженија и заедно со центрите за социјална работа договоривме чекори во насока на преземање мерки поради најавеното невреме и очекуваните ниски температури во Македонија. Министерството, Црвениот крст, локалните самоуправи и месните заедници ќе направат идентификувања на лицата во ризик, и иако има одредени информаци и бројки, тие ќе се проверат уште еднаш за да може на тие лица да им се помогне во период кога се очекува невремето, рече министерот за труд и социјална политика Ибрахим Ибрахими по денешата средба.

Појасни дека лицата од Скопје ќе бидат згрижувани во Момин Поток и во Чичино Село, а семејствата кои имаат и деца до три години во интернатите „Ранка Милановиќ“ и „25 Мај“ во Скопје. Во соработка со Министерството за образование и наука, додаде, ќе бидат отворени интернатите во Македонија доколку има потреба за згрижување надвор од Скопје.

Сузана Тунева-Пауновска  од Црвениот крст на град Скопје информира дека тимот за одговор при катастрофи веќе е мобилен.

- Четири тимови работат 24 часа. Во секој тим има парамедик, социјален работник, и логистика. Се работи за обучени лица во природни непогоди. Залихите храна, хигиена, ќебиња, топла облека, напитоци со кои се располагаме се веќе дистрибуирани до локалните организации на Црвениот крст во регионите каде се очекуваат ниски темпратури, рече таа. 

Во делот на поддршката на бездомниците, додаде, на дневна основа сега има прифат на 8 до 10 лица.

- Се очекува бројот да биде зголемен кога температурите ќе бидат пониски, но ние во текот на цела година сме во контакт со нив зошто тука ги  има најмногу односно 148. Надвор од Скопје има мал број лица бидејќи меѓусоседската помош е развиена во регионите надвор од Скопје. Во урбаните средини има отуѓување и поголем број лица на кои им е потребна поддршка од Црвениот крст и институциите на системот, рече Тунева-Пауновска. сст/дма/14:38

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ