• A-
  • A
  • A+
сабота, 18 ноември 2017, 

МОСТ: Претседавачот и пратениците од ВМРО-ДПМНЕ ја злоупотребиле конститутивната седница

МОСТ: Претседавачот и пратениците од ВМРО-ДПМНЕ ја злоупотребиле конститутивната седница

Скопје, 18 август 2017 (МИА) - Злоупотреби од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и од претседавачот со собраниската конситутивна седница, констатира Граѓанската асоцијација МОСТ во вториот извештај од проектот „Вклучени граѓани за одговорно и транспарентно Собрание“.

Во извештајот објавен денеска стои дека прв пат во историјата на парламентарна Република Македонија конститутивната седница на Собранието траела 22 работни дена во период од 5 месеци, наспроти вообичаените 1 до 2 дена. 

Според МОСТ, одолговлекувањето на конститутивната седница се должи на многубројните прекршувања на Деловникот од страна на пратениците од коалицијата ВМРО-ДПМНЕ што предизвикало одложување на трансферот на власта, односно парализа на законодавната и извршната власт. Конститутивната седница завршила пет месеци од почнувањето со што, следствено, за толку е одложено и формирањето на новата влада.

- Причината за ова е злоупотребата на сите видови обраќања од пратениците: дискусија, реплика, контра-реплика и процедурално обраќање. Сите пратеници од коалицијата ВМРО-ДПМНЕ (51) се јавиле за збор, од кои 16 го искористиле правото да дискутираат до 27 април. Само еден од говорниците се придржувал кон точката на дневниот ред - избор на Комисија за прашањата на изборите и именувањата. Деловникот бил прекршен во 1.566 од вкупно 1.812 говори (86 отсто), а најмногу бил прекршуван од страна на пратениците од коалицијата ВМРО-ДПМНЕ, со 1.352 прекршувања (86 проценти од вкупниот број прекршувања), по што следи коалицијата СДСМ со 148 прекршувања (9 отсто од вкупниот број прекршувања), наведува МОСТ.

Согласно Извештајот, во ниту еден од 1.566-те говори во кои бил прекршен Деловникот претседавачот не одзел збор на пратеник, со што не го спречил прекршувањето на Деловникот. Биле опоменати пет пратеници од коалицијата СДСМ чии говори не го прекршиле Деловникот.

Во седум говори од пратеници на коалицијата ВМРО-ДПМНЕ претседавачот го опоменал говорникот повеќе од два пати, но не му одзел збор, иако повеќекратната опомена претставува основа за одземање на зборот. Од друга страна, тој одзел збор во четири наврати, два пати без и два пати со една опомена, со што го прекршил правилото за двојна опомена пред одземање на збор.

- Претседавачот со конститутивната седница ја злоупотребил својата позиција со тоа што не интервенирал кога пратениците од коалицијата ВМРО-ДПМНЕ го прекршувале Деловникот и/или несоодветно реагирал во случаи кога пратениците од коалицијата СДСМ говореле без да го прекршат Деловникот, пишува во Извештајот. 

Ова е втор извештај од мониторингот на работата на Собранието на РМ што го изготви МОСТ, а предмет на опсервација е конститутивната седница, односно говорите на пратениците и начинот на кој претседавачот ја водел седницата. 

Проектот „Вклучени граѓани за одговорно и транспарентно Собрание“ ќе се спроведува до март 2018 година и предвидува објавување на периодични извештаи за Индексот на одговорност, транспарентност и продуктивност на Собранието кои треба да ги информираат јавноста, медиумите и граѓанските организации за работата на пратениците, како и за начинот на кој Собранието ја извршува својата улога регулирана со Уставот на РМ. мч/дма/14:02

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ