• A-
  • A
  • A+
петок, 24 ноември 2017, 

Проект за враќање на иселениците во Македонска Каменица, Пехчево и Делчево

Проект за враќање на иселениците во Македонска Каменица, Пехчево и Делчево

Македонска Каменица, 17 август 2017 (МИА) - Невладината организација „Надеж “ од Македонска Каменица во соработка со невладини организации од општините Делчево и Пехчево ќе ги истражува можностите за враќање на иселениците во родниот крај во рамки на проектот „Јас сакам да се вратам дома“ финансиски поддржан од Цивика Мобилитас.

На прес-конференција со која започна реализацијата на проектот, Влатко Ситновски од невладината организација „Надеж“, координатор на проектот, истакна дека со планираните анализи треба да се согледаат можностите кои ги нудат општините Делчево, Пехчево и Македонска Каменица, како и државните институции, за иселениците да се вратат дома и да инвестираат во родниот крај.

- Проектот ќе се реализира во општините Делчево, Македонска Каменица и Пехчево, а нашата цел  е да ги истражиме можностите за нивно враќање. Со проектот треба да се видат можностите што ги нуди локалната самоуправа за враќање на иселениците, програмите на Агенцијата за вработување и нивната искористеност од страна на иселениците, но секако и да се видат условите за инвестиции во земјоделството, како и начинот за пренесување на искуството од аграрот од западноевроспките земји овде кај нас, истакна Ситновски.

Проектот ќе се реализира четири месеци, а ќе се анализира и што прави државата и општините за да си ги вратат назад иселените, но и ќе се анкетираат иселеници за да се слушне нивниот глас.

- Ние сакаме да направиме едно истражување преку кое ќе добиеме релевантни показатели кои се причините за честите миграции во Источна Македонија, на тој начин ќе дадеме информации на самите институции да подготват подобри програми, да бидат потранспарентни и поефикасни и поефективни во своето работење. Сметам дека на тој начин ќе добијат информации и самите иселеници кои се подобностите кои ги нудат државата и општините за нивно враќање, потенцираше Зоран Биковски од Нво Кхам, партнер на проектот.

Резултатите од анализите ќе се достават до општините, државните органи, но и политичките партии. Проектот е поддржан од Цивика мобилитас со 350 илјади денари.дт/лв/16:00

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.