• A-
  • A
  • A+
вторник, 17 јануари 2017, 

Пратениците треба да достават анкетни листови до Антикорупциска (ДПЛ)

Пратениците треба да достават анкетни листови до Антикорупциска (ДПЛ)

Скопје, 4 јануари 2017 (МИА) - Новоизбраните и пратениците на кои им истече мандатот до 30 јануари до Државната комисија за спречување на корупција треба да поднесат анкетен лист и изјава за судир на интереси.  

- Согласно Законот за спречување на корупција сите избрани и именувани лица во рок од 30 дена од нивното назначување, во конкретниов случај пратениците на кои им престана и на оние на кои им почна мандатот, од денот на изборот имаат обврска да поднесат анкетни листови и изјава за судир на интереси до Државната комисија за спречување на корупцијата за да го пријават она со што располагаат, изјави претседателот на Антикорупциската комисија Игор Тантуровски. 

Досега, како што рече тој, најголем дел, можеби и стопроцентно пратениците се придржуваат кон законските одредби и пријавуваат својот имот до Комисијата. - Очекувам и сега да биде исто така, рече тој додавајќи дека доколку не се постапи согласно законот предвидени се и санкции. 

Пратеникот е должен најдоцна во рок од 30 дена од верификацијата на мандатот да пополни анкетен лист со детален попис на недвижен имот, подвижни предмети од поголема вредност, хартии од вредност и побарувања и долгови, како и друг имот што е во негова сопственост, или сопственост на членовите на неговото семејство, со наведување на основот на стекнување на пријавениот имот и депонира заверена изјава од нотар за откажување од заштита на банкарска тајна во однос на сите сметки во домашни и странски банки.

Пратеникот, исто така, е должен да пополни анкетен лист во рок од 30 дена по престанокот на мандатот.

Доколку пратеникот во рок од 30 дена по престанокот на мандатот биде избран или именуван на иста или на друга функција е должен да ја извести Државната комисија за спречување на корупцијата за новиот избор или именување.

Податоците од анкетните листови на пратениците, според Законот, претставуваат информации од јавен карактер освен податоците заштитени со закон и се објавуваат согласно со закон. ев/дма/12:48

###

 

 



Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ