• A-
  • A
  • A+

петок, 28 јули 2017, 

Агенција за пошти: Јавниот увид во поштенските адреси е упад во приватноста

Агенција за пошти: Јавниот увид во поштенските адреси е упад во приватноста

Скопје, 1 април 2016 (МИА) - Јавниот увид во поштенските адреси на граѓаните запишани во Избирачкиот список што беше возможен преку интернет апликацијата на Државната изборна комисија (ДИК) е упад во приватноста и нарушување на неприкосновеното граѓанско право гарантирано со Уставот, рече денеска директорот на Агенцијата за пошти Влатко Атанасоски.

На прес-конференција тој ги посочи потенцијалните закани и последици по граѓаните, нивниот интегритет, домот, семејството..., од тоа што личните адреси еден месец беа електронски јавно достапни. Агенцијата, нагласи, укажала на овој пропуст веднаш штом го забележала, но реакција немало и поради тоа побарала интервенција од Дирекцијата за заштита на личните податоци (ДЗЛП).

- На укажувањето од наша одговорот беше делумно повлекување на некаков список, но не и целосно повлекување на апликацијата за пребарување која утрово беше се уште достапна, потенцира директорот Атанасоски.

Според него, сеопфатниот, јавно достапен увид во поштенските адреси, без ограничувања, претставува и закана по безбедноста на граѓаните, рече Атанасоски. Тој укажа дека достапноста на податоците може да се злоупотреби и за најразлични имотно-правни, финансиски и осигурителни измами, недозволена трговија...

Во Изборниот законик, додаде, можеби постои одредба за објавување на Избирачкиот список, но проблемот е дали треба да се стави на увид цел, кому може да е достапен, кои протоколи на безбедност ќе бидат исполнети и за што би се користеле податоците. 

Директорот на Агенцијата заклучи дека општествениот фокус треба да остане врз заштитата на правата на секој граѓанин, а будноста на институциите да биде на највисоко ниво кога се во прашање приватноста и неповредливоста на домот и граѓаните. мч/паг/14:26

###

 

 

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.