• A-
  • A
  • A+
петок, 31 март 2017, 

Конститутивна седница на Локалниот економско-социјален совет на Општина Кичево

Конститутивна седница на Локалниот економско-социјален совет на Општина Кичево

Кичево, 12 јануари 2017 (МИА) - Локалниот економско-социјален совет (ЛЕСС) на Општина Кичево синоќа одржа конститутивна седница. Во него членуваат преставници од Општината, Конфедерацијата на слободни синдикати, Сојузот на синдикати на Македонија и од Организацијата  на работодавачи на Македонија.

За претседател на ЛЕСС беше избран Рамиз Реџепи, претставник од Општина Кичево, за негов заменик Снежана Миноска од ОРМ и за секретар Дејан Илиоски од Одделението за локален економски развој на Општина Кичево. На седницата беа верифицирани членовите и беше разгледан и усвоен предлог-деловникот за работа на ЛЕСС.

Претседателот на ЛЕСС Рамиз Реџепи рече дека максимално ќе се трудат да ги извршуваат своите активности, транспаретно ќе работат и ќе дадат максимален придонес за подобар економско-социјален дијалог во Кичево.

Како што информираше Реџепи, Советот ќе има задача да ги следи состојбите, да разгледува прашања, завзема став, покренува иницијативи и препораки, како и да предлага решенија кои се однесуваат на подобрувањето на економско-социјалната положба на работниците и работодавачите во општината и да дава свои мислења и предлози за креирање на локалната економска политика.

- Со започнување на работата на овој Совет, Општината и сите институции кои се засегнати од прашањата за одржлив економски развој, заштита и унапредување на работничките права како и создавање подобра локална економска клима за унапредување на бизнисите, ќе имаат посветен сојузник и партнер во Локалниот економско-социјален совет, истакна секретарот Дејан Илиоски.

Покрај претставници од потписниците на Спогодбата за основање на ЛЕСС во Општина Кичево, на седницата присуствуваа и претставници од Агенцијата за вработување од Кичево, од Регионалната комора и од проектот „Унапредување на социјалниот дијалог“ како дел од Меѓународната организација на трудот. Во склоп на тој проект се реализира и формирањето на шест локални економско-социјални совети меѓу кои и кичевскиот. рз/хс/11:23

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.