• A-
  • A
  • A+
вторник, 17 јануари 2017, 

Во Куманово намален бројот на заболени од грип

Во Куманово намален бројот на заболени од грип

Куманово, 11 јануари 2017 (МИА) - Нови 168 заболени лица од грип се евидентирани во Центарот за јавно здравје Куманово, соопштија надлежните од оваа здравствена установа. Оваа бројка споредена со бројот на заболени во последната недела од минатата година е намалена за 34 проценти. Намалувањето на бројот на пријавени лица заболени од грип, се должи на зимскиот распуст, но и на празничната недела.

- Од почетокот на сезоната има вкупно 1.027 случаи, во декември месец 891 случај што тогаш беше најголемиот пораст на заболени лица од грип. Оваа недела исто така најзастапена возрасна група беа заболените од 15 до 64 години, потоа следува возрасна група од пет до 14 години, односно школската возраст. Со започнување на зимскиот распуст се бележи намалувањето, меѓутоа ние очекуваме тенденција на пораст на заболените од грип во текот на наредните недели, изјави д-р Јадранка Стаменковска, епидемиолог од Центарот за јавно здравје Куманово.

Лекарите очекуваат пораст на заболени од грип во јануари кога ова сезонско заболување ја доживува својата кулминација.

Во последнава недела на инфективното одделение има 38 пациенти кои побарале помош за грип, а четворица се хоспитализирани. Од почетокот на сезонава, на инфективното одделение 217 лица побарале помош за грип, а дванаесет биле хоспитализирани.

- Во овој период немаше потешки случаи, но имаше пациенти со воспаление на белите дробови или синуси, изјави Стаменковска. Остануваат препораките за оддржување на лична хигиена, често миење на рацете, проветрување на простории, исхрана богата со витамини, адекватно облекување, објасни Стаменковска.

Граѓаните кои веќе ги чуствуваат симптомите - кашлица и кивање треба да останат во домашни услови. Освен кивање и кашлање, симптомите на грип се и висока температура од 38,5 степени, болки во мускулите, општа малаксаност.

Во Куманово, Липково и Старо Нагоричане вакцина примија 1.400 лица. ам/ев/14:15

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ