• A-
  • A
  • A+
среда, 22 ноември 2017, 

Објавен романот „Небото е повторно на своето место“ од Клара Санчез

Објавен романот „Небото е повторно на своето место“ од Клара Санчез

Скопје, 18 октомври 2017 (МИА) - Издавачката куќа „Готен“ го објави во превод на македонски јазик романот „Небото е повторно на своето место“ од шпанската писателка Клара Санчез, што во 2013 година ја доби наградата „Премио Планета“, една од најзначајните од шпанското говорно подрачје,  а стана и светски бестселер. Преводот од шпански јазик е на Марија Саревска-Тодоровска. 

- „Небото е повторно на своето место“ е приказна за Патриција, млада манекенка, која судбински е предодредена да стане позната и успешна. Во продолжение, романот се развива како една суптилна, иако по малку стравична мистерија за цената што треба да се плати за нечиј успех. Како што оценуваат критичарите, Санчез е мајстор да создаде психолошки уверливи и комплексни ликови, кои ги комбинира со напнатата приказна. Санчез сака да каже колку е животот непредвидлив, и како едно навидум случајно нешто може да го разјаде човека однатре и да го осуди на пропаст. Недовербата и сомнежот е современата болка која го разјадува општеството, заклучува Санчез со една префинета луцидност, но и игрива суровост, посочува издавачот. 

Клара Санчез е шпанска писателка и професорка на факултет. Во 2000 година со нејзиниот роман во кој ја истражува збунетоста и отуѓувањето на денешната младина ја доби престижната награда „Алфагвара“. Нејзините дела се печатат со голем успех во Шпанија и во Латинска Америка. Во 2010 Санчез ја доби и најпосакуваната награда за книжевност во Шпанија, „Премио Надал“, за еден психолошки трилер во кој еден преживеан шпански републиканец од концентрациониот логор Маутхаузен Грусен се среќава со постара двојка германски туристи во Коста дел Сол.

Објавувањето на книгата „Небото е повторно на своето место“ е поддржано од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија. хс/сд/08:46

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ