• A-
  • A
  • A+
среда, 22 ноември 2017, 

Белата куќа ги објави клучните точки од новата стратегија на Трамп за Иран

Белата куќа ги објави клучните точки од новата стратегија на Трамп за Иран

Вашингтон, 13 октомври 2017 (МИА) - САД ќе се спротиставуваат на дестабилизирачкото влијание  на Техеран со цел да ја запрат неговата агресивност со помош на поголем број земји од регионот, се наведува во соопштението од Белата куќа за новата стратегија на претседателот Доналд Трамп за Иран. 

Исто така САД ќе побараат од меѓународната заедница да се обедини во вршењето на притисок врз елитните ирански вооружени сили - Корпусот на исламската револуционерна гарда.

Новата стратегија содржи три клучни цели: корекција на нуклеарниот договор со што ќе биде отежнато производството на оружје на Иран, неутрализирање на програмата за балистички ракети и спротиставување на иранските акции, кои според Вашингтон придонесуваат за нестабилност на Блискиот Исток.

- Време е целиот свет да ни се приклучи во обидите да ги спречиме иранските власти да тежнеат кон смрт и уништување, истакна Трамп кој во текот на денот, според најавите, ќе ја повлече поддршката за нуклеарниот договор со Иран и  ќе ја претстави новата стратегија.

Во меѓувреме претседателот на иранскиот Парламент Али Лариџан изјави дека плановите на САД за иранскиот нуклеарен договор и нивната политика на санкции кон Техеран и Русија можат да доведат до хаос во меѓународните односи.

- Најверојатно започнале со некои дејствија, кои во крајна сметка ќе доведат до нереди на меѓународната арена. Доказ за тоа се санкциите воведени кон Иран и кон Русија, како и мерките кои од неодамна беа преземени за нуклеарниот договор со Иран, посочи Лариџани на средбата со претседателот на Долниот дом на рускиот Парламент, Вјачеслав Володин во Санкт Петербург.

Лариџани наведе дека ако САД не се придржуваат до Договорот за иранската нуклеарна програма тогаш истиот целосно ќе биде поништен, 

- Во последните месеци Американците во повеќе наврати го прекршија нуклеарниот договор, истакна Лариџани. 

Трамп денеска планира да ја повлече поддршката за нуклеарниот договор со Иран и да претстави агресивна стратегија. Со тоа САД не би се повлекле од Договорот, но Конгресот ќе има 60 денови да одлучи дали Вашингтон повторно ќе воведе санкции кон Иран.

Американскиот државен секретар Рекс Тилерсон за тоа прашање веќе се консултираше со своите колеги во Европа и во Кина.

Техеран и шесте светски сили (САД, Русија, Велика Британија, Франција и Германија) на 14 јули 2015 година постигнаа историски договор со кој се ограничува иранската програма во замена за укинување на меѓународните санкции кон земјата. ми/14:12

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.