• A-
  • A
  • A+

среда, 26 април 2017, 

МВР Билтен

МВР Билтен

Скопје, 21 април 2017 (МИА) - На 20.04.2017 година во 20.50 часот на улицата „Марксова“ во Прилеп полициски службеник од ПС Прилеп, кој бил на должност, забележал две лица како вршат кражба на алумулатор, по што тргнал кон нив. Еден од сторителите, Р.Р. (42) од Прилеп, забележал дека им се приближил полицискиот службеник и со нож замавнал кон него, нанесувајќи му расекотина во пределот на десната дланка, по што побегнал. По преземени мерки, полициски службеници ги пронашле и привеле Р.Р. и неговиот 16-годишен син. Повредениот полициски службеник е пренесен и задржан во Општата болница Прилеп, каде му е констатирана телесна повреда. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

На 20.04.2017 година од 17.10 до 21.40 часот во Скопје, Охрид, Кочани, Куманово, Прилеп, Штип, Кичево, Кавадарци, Неготино, Битола, Струмица, Пробиштип, Валандово, Ресен, Македонски брод, Кривогаштани, Виница, Радовиш, Гевгелија, Богданци и Берово во организација на граѓанската иницијатива „За Заедничка Македонија“ се одржале протестни маршеви. Граѓаните кои се собрале се движеле низ улиците во наведените градови. За време на собирите немало нарушувања на јавниот ред и мир.

На 20.04.2017 година во 8.15 часот во Штип, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“ и „овозможување на употреба на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“, од страна на полициски службеници од ПС ОН Штип лишени од слобода се турските државјани Д.Б. (23) со престој во Македонија до 05.10.2017 година, М.Д. (24) и О.Ј. (27), двајцата од Истанбул, Турција. По Наредба од Основен суд Штип, полициски службеници од СВР Штип извршиле претрес во дом и помошни простории каде како потстанар живее Д. Б.. Во СВР Штип извршени се разговори со турските државјани. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

ПС ОН Прилеп поднесе кривична пријава против Е.Р. (28) од Прилеп поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“. Пријавениот во својот дом чувал и препакувал марихуана која ја продавал на уживатели на опојни дроги. На 17.12.2016 година пријавениот на две лица од Прилеп пред неговиот дом им продал тревкаста материја за износ од 100 денари. Потоа на патот што води кон Затворот Прилеп лицата се забележани од страна на полициски службеници и при извршен личен преглед биле пронајдени и одземени 0,42 грама марихуана.

СВР Струмица поднесе кривична пријава против Б.Б. (44) од село Василево поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“. На 23.09.2016 година во Јавната здравствена установа - Психијатриска болница Негорци, при извршена проверка на поштенска пратка, наменета за пријавениот, пронајдена е кутија во која имало зипер кесе исполнето со 4,06 грама марихуана и 15 таблети диазепам.

НК за КР Пробиштип поднесе кривична пријава против Љ.М. (29) од Пробиштип поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи“. Во јануари 2017 година пријавениот неовластено набавил пиштол за светлосно-звучна сигнализација калибар 9 милиметри и 50 куршуми за звучна сигнализација калибар 9 милиметри. Потоа, пријавениот извршил корекција на пиштолот, односно отстранување на фабрички вградената препрека во цевката, со што е овоможено да се врши испалување на муниција со проектил со калибар 9 милиметри. Покрај ова, пријавениот извршил корекција на 41 парче од набавените куршуми за звучна сигнализација. Набавил метални топчиња со дијаметар од 6 милиметри и на предметните неиспукани куршуми ги поставил, со што изработил модифицирани куршуми, со кои што од предметниот пиштол може да се изврши испалување на проектил.

ПС Прилеп поднесе кривична пријава против П.Д. (87) од Прилеп поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „фалсификување пари“. Пријавениот, кој се занимава со продажба на бижутерија на Широк Сокак во Битола, вршел продажба на неговите производи и примил фалсификувана банкнота од 50 евра, за која забележал дека е фалсификат и не ја пријавил на надлежна институција туку ја пуштил во оптек.

СВР Битола поднесе кривична пријава против Р.М. (44) и С.Е. (21), двајцата од Битола, поради постоење основи на сомнение дека првопријавениот сторил две кривични дела „тешка кражба“, додека двајцата заедно сториле три кривични дела „тешка кражба“. Пријавените ги сториле кривичните дела во текот на јануари. Тие насилно, со употреба на подесен алат влегувале во берберски салони, продавници, бутик и фризерски салон од каде одземале разни предмети, прибори за шишање, текстилна стока и пари. На тој начин пријавените предизвикале материјална штета од 55.000 денари. мд/14:16

###

 

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ