• A-
  • A
  • A+

недела, 23 април 2017, 

Џорџ Сорос следната недела во посета на седиштето на ЕУ

Џорџ Сорос следната недела во посета на седиштето на ЕУ

Брисел, 21 април 2017 (МИА) - Претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, неговиот заменик Франс Тимерманс, како и еврокомесарите Вера Јурова и Јурки Катаинен, следната недела во Брисел ќе се сретнат со основачот на фондациите „Отворено општество“, Џорџ Сорос, јави дописникот на МИА од Брисел.

Според календарот на активности на членовите на Еврокомисијата, Јункер ќе го прими Сорос в четврток (27 април), додека Тимерманс, еврокомесарот за правосудство Јурова и еврокомесарот за економски раст и инвестиции Катаинен, ќе се сретнат со мултимилијардерот в петок (28 април).

Портпаролката на Европската комисија, Мина Андреева, потврдувајќи ја посетата на Европската комисија на човекот против чие дејстување се борат неколку земји членки на ЕУ, но и држави кандидати за членство, како Македонија и Србија, истакна дека Брисел е фокусиран на случувањата во Унгарија и затоа ќе разговара и со Џорџ Сорос.

- Тие ќе дискутираат за политичкиот развој на настаните во Унгарија. Свесни сте дека Комисијата дискутираше за правните прашања поврзани со Унгарија на 12 април, а што покрива голем број на прашања, па тие ќе имаат можност да дискутираат за ова. Во објавениот календар на комисиските активности за следната недела, ќе видите и дека првиот потпретседател Тимерманс, потпретседателот Катаинен и комесарката Јурова, исто така ќе се сретнат со Џорџ Сорос. Потоа, ние ќе имаме уште состаноци поврзани со Унгарија, како дел од политичкиот дијалог што објавивме дека ќе го имаме за покривање на сите прашања во однос со Унгарија, истакна Андреева.

Запрашана зошто Еврокомисијата го прима Сорос, кога неколку земји членки на Унијата, како и држави од соседството имаат проблем со активностите на американскиот милијардер со унгарско потекло, портпаролката на ЕК посочи дека фокусот е на Унгарија и случувањата во оваа држава, каде со новиот закон за високо образование има можност од затворање на соросовиот Централноевропски универзитет (ЦЕУ), а и со ограничувањето на правата на невладините организации е опфатено и „Отвореното општество“ на Сорос.

- Главен фокус во разговорите со Сорос ќе бидат политичкиот развој на настаните во Унгарија за што Комисијата веќе дискутираше, потенцираше Андреева. бн/сп/12:47

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.