• A-
  • A
  • A+

недела, 23 април 2017, 

Дачиќ: Албанците треба добро да ги одмерат своите зборови

Дачиќ: Албанците треба добро да ги одмерат своите зборови

Белград, 21 април 2017 (МИА) - Албанските политичари станаа закана за мирот и стабилноста на Балканот и Европа, оцени српскиот вицепремиер и министер за надворешни работи Ивица Дачиќ, коментирајќи ги изјавите за можно обединување на Албанија и Косово. 

- Албанците би требало добро да ги одмерат своите зборови, бидејќи на меѓународната сцена веќе ги нема нивните заштитници, кои ја бомбардираа Србија, за да и го одземат Косово. Тоа нема да се повтори никогаш повеќе, рече Дачиќ. 

Според Дачиќ, како што јави Танјуг, „координиратите изјави“ на албанскиот премиер Еди Рама, косовскиот претседател Хашим Тачи и претстедателот на Националниот совет на албанското малцинство во Србија, Јонуз Муслиу, покажуаат дека „Голема Албанија е цел на сите Албанци“. - Муслиу кон неа го придодаде и Ниш, а утре ќе ги додаде и Скопје и Улцињ и Епир, нагласи Дачиќ.

Тој истакна дека Србија не провоцира никого, но исто така и не стравува од никого.

Дачиќ праша дали ЕУ, САД и Велика Британија ќе реагираат на ваквата ситуација. - Доколку не го сторат тоа сега, кога Голема Албанија ќе стигне до Ниш ќе бидат директно одговорни за последиците, предупреди тој.

- Она за што зборуваат албанските политичари за среќа е само мечта. Но, искуството не учи колку е кус патот од мечтата до кошмарот, додаде српскиот министер за надворешни работи. 

Муслиу, кој е и градоначалник на општина Бујановац, вчера изјави дека официјална Тирана „ја има неговата целосна поддршка за обединување на Албанија и Косово, доколку не бидат примени во ЕУ, но не и без Прешево“.

Тој смета дека „без Ниш нема да има Голема Албанија“ и додаде дека Хашим Тачи и Еди Рама имаат морална должност во тоа „обединување“ да го вклучат и реонот на Прешево, Медвеѓа и Бујановац, кој го нарече „источно Косово“, бидејќи во спротивно ќе извршат „национално предавство“.

- Без Ниш тоа нема да биде Голема Албанија и Србија треба дури да ни биде благодарна дека Албанците сакаат обединување само на Албанија, Косово и Прешевската Долина, додаде градоначалникот на Бујановац. ац/сп/10:08

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.