• A-
  • A
  • A+

четврток, 29 јуни 2017, 

Меѓународни донатори ветија 75 милиони долари за зачувување на културно-историското наследство во завојуваните зони

Меѓународни донатори ветија 75 милиони долари за зачувување на културно-историското наследство во завојуваните зони

Париз, 20 март 2017 (МИА) - Меѓународни донатори ветија денеска над 75 милиони долари за зачувување на објекти од светското културно-историско наследство, што се засегнати од војните и уништувањата од страна на Исламската држава. 

На донаторската конференција во Париз, францускиот претседател Франсоа Оланд напомена дека целта на Фондот за наследството е да се обезбедат 100 милиони долари, повикувајќи ги останатите земји да се вклучат во собирањето на тие средства. 

Француското Министерство за култура посочи дека Франција ветила 30 милиони долари, а Саудиска Арабија ќе учествува со 20 милиони долари. Обединетите Арапски Емирати ќе донираат 15 милиони домари, Кувајт - пет милиони, Луксембург - три милиони долари, Мароко - 1,5 милиони долари, а еден милион долари ќе обезбеди филантропот Томас Каплан. 

Фондот основан во Женева ќе учествува со административна и правна помош. Италија ќе помогне со воен персонал и експерти за конзервација на културно-историските споменици. 

Целта на париската конференција е да се создаде меѓународен фонд, со чија помош ќе се запре уништувањето на историските објекти. 

Организаторите сакаат, исто така, да создадат светска мрежа за привремено складирање на загрозените артефакти и да финансираат реставрација на објектите што се оштетени од војната. см/ссм/16:24

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ