• A-
  • A
  • A+
петок, 20 јануари 2017, 

Ниски утрински температури, граѓаните да внимаваат на лизгавите површини

Ниски утрински температури, граѓаните да внимаваат на лизгавите површини

Скопје, 12 јануари 2017 (МИА) - Во Македонија и утрово температурите се многу ниски, а дневните ќе бидат од минус четири до пет степени. Според Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), пораст на температурата ќе има од петок. 

До седум часот најладно беше во Скопје Петровец и Берово, -21 степен. Минимални -20 се измерени во Битола, -19 во Тетово, -18 Куманово, Демир Капија и Штип, -17 во Струмица, -16 во Скопје Зајчев Рид и Прилеп, -15 во Крива Паланка, -14 во Виница, Дебар и Пожаране, -13 во Тополчани и Ѓуриште, -12 во Маврово и Гевгелија, -10 во Лазарополе, -9 во Крушево, -8 во Претор и -7 во Дојран и Охрид.

Висината на снежната покривка е најголема во Маврово, 62 сантиметра, а најмала во Дојран, еден. Во Лазарополе има 47 сантиметри снег, во Пожаране 41, 36 Тополчани, 29 Берово, 27 Дебар, 26 Ѓуриште, 25 Тетово, 24 Крушево, 19 Битола, 18 Крива Паланка,  16 Куманово и Струмица, 15 Охрид и Претор, 14 Демир Капија, 13 Штип, 12 Виница, 10 Прилеп и Скопје Петровец, 8 Скопје, и два Гевгелија.

За 24 часа се наврнати три литри на метар квадратен воден талог во Лазарополе и Битола, два во Дебар, Демир Капија и Претор и еден во Тополчани, Струмица, Крушево, Дојран, 

Преку ноќта беше ведро, а изутринава е сончево со мала до умерена облачност и многу студено, по одделни котлини со слаба магла. Само на места има зголемена облачност. До крајот на денот ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб ветер од северозападен, а во западните делови умерен ветер од западен правец. Температурата ќе достигне од -4 до 5 степени. Во Скопје претежно сончево со слаб западен ветер и со температура до -2 степена.

Се препорачува без потреба да не се излегува од дома, да се носи топла облека, да се консумираат топли напивки и да се избегнува консумација на алкохол. Воедно се препорачува внимателност при движење на лизгави површини. 

УХМР информира дека пораст на температурата ќе има од утре кога ќе дува умерен ветер од јужен правец. Максималните температури насекаде ќе бидат позитивни. Ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Попладне облачноста од запад ќе се зголемува, а кон крајот на денот во западните делови на планините ќе има повремен снег, а во пониските места на запад дожд и снег. Утринска температура ќе биде од -14 до -5, а дневната од 2 до 7 степени.

Во сабота, особено претпладне, на повисоките места и на планините ќе има врнежи од снег, а на пониските места врнежи од дожд и снег. Повеќе врнежи се очекуваат во западните делови каде ќе дојде до зголемување на снежната покривка. На пониските места на југот и вдолж Повардарието поради повисоките дневни температури снежната покривка делумно или целосно ќе се истопи. Во недела ќе има преодно стабилизирање, а од понеделник ќе преовладува променливо облачно време со повремени врнежи од снег со променлив интензитет. Дневните температури ќе се одржуваат околу нулата. 

Во недела се очекува преодно стабилизирање, а од понеделник ќе преовладува променливо облачно време со повремени врнежи од снег со променлив интензитет. Дневната температура ќе биде околу нулата. ев/мч/07:29

###

 

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.