• A-
  • A
  • A+
среда, 22 ноември 2017, 

Сашо Василевски, генерален директор и претседател на УО на АД МЕПСО

Сашо Василевски, генерален директор и претседател на УО на АД МЕПСО

20 октомври 2017

Господине Василевски неодамна стапивте на новата функција генерален директор и претседател на Управниот одбор на АД МЕПСО. Дали извршивте контрола за работењето на претходниот менаџмент на компанијата?

- Како генерален директор и претседател на Управниот одбор на АД МЕПСО веднаш по стапувањето на функцијата дадов налог на сите ресорни директори да извршат примопредавање и да направат интерна ревизија. Станува збор за сериозна компанија и не е возможно во детали да се изврши равизија, но за наша среќа претходниот менаџмент побрал Државниот завод за ревизија (ДЗР) да направи ревизија за материјалното и финансиско работење на компанијата за подолг период. Извештајот се уште официјално не е готов. Пред десетина дена имавме средба со претставници на ДЗР, бидејќи согласно правилата на нивното работење, тие пред конечното изготвување на извештајот практикуваат на претходниот и на новиот менаџмент да им ги презентираат забелешките што ги имаат за да може претходниот менаџмент, што беше опфатен во ревизијата, да бара корекција и да ги каже своите забелешки пред да се финализира документот. Според најавите кои ги имаме од претставниците на ДЗР, извештајот ќе биде доставен до крајот на месецов или на почетокот на идниот месец.

Дали има конкретни забелешки во прелиминарниот извештај на ДЗР?

- Претставниците на ДЗР имаа определени забелешки кои и ние ги воочивме. Една од побитните е дека МЕПСО треба да и плати пенали на Европската банка за обнова и развој (ЕБРД) заради ненавремено отпочнување на проекти за кои МЕПСО има подгинато заем од банката. Компанијата имаше склучено договори со ЕБРД за заем од околу 50 милиони евра за изградба на поголеми проекти кои претходниот менаџмент од неразбирливи причини не ги активирал во смисла на подготвување тендерска документација и отворање постапки за остварување и реализација на проектите. Поради тоа дојдовме во ситуација на име на пенали за нереализирани проекти на ЕБРД да и плаќаме сума од околу 800.000 евра. Една од повидливите забелешки е околу делот на купо-продажбата на зградата за што најавија дека има определени неправилности што не можам да ги коментирам се додека не стигне официјалниот извештај. Покрупна забалешка има и за реконструкцијата на фасадата на зградата на дирекцијата на МЕПСО, а има и формално-правни и технички забелешки, меѓу кои и за работата на поранешниот Управен одбор на компанијата, потребата од поефикасна работа на архивата, процесуирањето на предметите,...

мепсо

Дали се тоа единствените забелешки во прелиминарниот извештај?

-Новиот менаџмент веднаш по стапувањето на функција се соочи и со друг голем проблем. Станува збор за фирма која од февруари, па до моментот додека стапивме на функција, остана должна на компанијата околу 48 милиони денари. Не знам дали тоа е направено свесно или несвесно, но факт е дека постои незаконско работење. Од страна на претходниот менаџмент не е активирана финасиската гаранција и согласно правилата не е известена компанијата за ненавременото плаќање кон МЕПСО. Со тоа се запознати државните институции, а постапката е во тек и се надевам дека ќе има конечен расплет. Ова е еден од посериозните проблеми за кои мора да ја информираме јавноста.

Каква била реализацијата на проектите што ги зацртало претходното раководство?

- Реализацијата на проектите кои ги зацртало претходното раководство во инвестицискиот план е само пет отсто. Една од основните задачи и проекции на новиот менаџмент е да ги процесуираме сите постапки со цел да не се случува она што се случуваше во минатото и да направиме ревитализација, реорганизација и модернизација на електропреносниот систем во државата. За период од два месеца откако е на функција новиот менаџмент успеавме да ги активираме сите тендерски постапки и го финализиравме договорот за ревитализација на трафостаницата Дуброво во вредност од околу 4,6 милиони евра. При крај сме и со постапката за далекуводот Штип-Пробиштип.

Зошто претходното раководство на АД МЕПСО не презело никакви активности за навремено поместување на интерконективниот далекувод кон Грција што е пречка за пуштање во сообраќај на автопатската делница Демир Капија-Смоквица?

- Со самиот проект за автопатот се знаело каде ќе мине трасата и било јасно дека ќе треба да се дислоцира далекуводот. За мене е многу нејасно зошто навремено не е изместен далекуводот, бидејќи не требало да се чека автопатот да биде готов за употреба, па тоа да се прави. На автопатот како инвеститор се јавува Агенцијата за државни патишта, а изведувач е Актор со кој е склучен договор за дислокација на далекуводот. Стануваше збор околу дозволите за градба за дислокација на далекуводот, а што се однесува до МЕПСО во никој случај не правел проблеми за дислокацијата на далекуводот и во секој момент стоел и ќе стои во иднина за било какви проекти во функција на потребите на граѓаните и на државата.

Како тече постапката за отстранување на далекуводот?

- Според динамиката на планираните активности изместувањето на делот од 400 киловолтниот интерконективен далекувод во близина на Неготино треба да се реализира во текот на ноември. Носител на таа активност е инвеститорот односно Агенцијата за државни патишта која го избира изведувачот и ги сноси трошоците за изместувањето на трасата на далекуводот. МЕПСО ја пружа сета потребна поддршка за процесот за оваа активност. Интерконективниот далекувод што ги поврзува електропреносните системи на Република Македонија и на Република Грција, ќе биде исклучен од 11 до 26 ноември, а тоа е утврдено во договор меѓу електропреносните систем-оператори на двете земји, односно МЕПСО и ИПТО. Ова исклучување е со цел да завршат сите потребни активности за изместување на далекуводот за потребите на новоизградениот автопат. Тоа нема да смета на нормалното снабдување на граѓаните со електрична енергија, а имаме и алтернативно интерконективно поврзување со електропреносниот систем на Грција преку далекуводот Битола Лерин што е пуштен во употреба во 2007 година.

мепсо

Каква ревитализација се планира да се направи на ТС Дуброво?

- МЕПСО склучи договор за ревитализација на една од најважните електроенергетски постројки во националниот електропреносен систем. Ревитализацијата на 110 киловолтната постројка во трансформаторската станица „Дуброво“ значи дека ќе биде заменета со нова опремата што е во функција од 1977 година до сега. Овој комплексен проект опфаќа замена на примарна опрема (прекинувачи, разделници, струјни и напонски мерни трансформатори) како и ревитализација на секундарната опрема на 400 киловолтно и на 110 киловолтно напонско ниво која вклучува: испорака и инсталација на системи за релејна заштита, за далечински надзор и управување, системи за AC/DC развод и целосна ревитализација на системот за мерење електрична енергија. Реализацијата на овој проект ќе обезбеди зголемена сигурност и доверливост во работењето со високонапонската опрема, мониторинг во реално време, навремено детектирање и превенција на дефекти и оптимализација во управувањето со електропреносниот систем.

До каде е изградбата на интерконективното поврзување со Албанија и ТС Охрид?

- Ова е најкрупниот електроенергетски проект заради тоа што вклучува две компонетни кои се исклучително важни за зголемување на капацитетот за пренос на електрична енергија, за доверливоста во снабдување со квалитетна електрична енергија на национално и регионално ниво и за развој на регионалниот пазар за електрична енергија. Едната компонента е изградбата на 400 киловолтниот далекувод што ќе ги поврзува трансформаторските станици „Битола 2“ и „Елбасан“ и ќе биде прва врска меѓу електропреносните системи на Македонија и на Албанија. Со неговата изградба македонскиот електропреносен систем ќе добие шеста интерконективна врска, а позначајно е дека оваа врска значи дека системот на МЕПСО ќе биде поврзан со системите на сите пет соседни држави. Другата компонента е изградба на 400/110 кловолтна трансформаторска станица во близина на Охрид што ќе биде од огромно значење за подобрување на напонските прилики и за доверливо снабдување со квалитетна електрична енергија во југозападна Македонија за идните десет до петнаесет години. Овие два проекта во кои ќе вложиме над 30 милиони евра ќе ги сведат на минимум сите ризици од испади и дефекти во снабдувањето со електрична енергија во југозападниот регион на нашата земја. Ова е среднорочен проект кој официјално почна во декември 2015 година со потпишување на договор за заем со Европската банка за обнова и развој. Моментално течат активности за изработка на проектната документација за далекуводот и за трафостаницата, а се работи и на подготвка на тендерската документација за овие два енергетски објекти. 

мепсо

До каде е проектот за берза на струја?

- Владата оваа пролет усвои акциски план со кој го задолжи АД МЕПСО, како носител на лиценцата за Оператор на пазар на електрична енергија, да го оформи и организира организираниот пазар за електрична енергија во Република Македонија или популарно кажано берза за електрична енергија. Согласно со тој акциски план МЕПСО е задолжен да го реализира овој проект. Значајно е да се истакне дека после оформувањето и организирањето, берзата треба да биде засебно правно лице кое ќе биде независно во своето работење. Спроведувањето на овој акциски план директно зависи од транспонирањето на третиот пакет мерки од Европската унија, за што Македонија е задолжена од Унијата, односно изработка на нов Закон за енергетика во чија подготовка МЕПСО е активно вклучен. Во овој закон, согласно директивите од ЕУ и на Енергетската заедница (ЕЗ), ќе се дефинираат постулатите за организирање на берза за електрична енергија. Сакам да истакнам дека стручните лица од МЕПСО се активно ангажирани во овој значаен процес и дека во последниов период ја интензивиравме и ја зајакнавме соработката со ЕЗ со седиште во Виена, Австрија, инстанца која е креатор и монитор на процесот на имплементација на организираните пазари за електрична енергија во земјите од Европската унија вклучувајки ги и земјите од западен Балкан. Во овој комплексен процес очекуваме техничка поддршка од ЕЗ со цел имплементација на проектот за основање на берза за електрична енергија во Република Македонија.

Дали е МЕПСО подготвен за грејната сезона?

- МЕПСО нема директни ингеренции за грејната сезона и тие активности се во надлежност на операторите на системите за дистрибуција на електрична енергија. Сепак, за да овозможиме непречено снабдување со квалитетна електрична енергија на сите точки на кои се поврзува преносната мрежа со дистрибутивните мрежи МЕПСО во тек на годинава вршеше модернизација на електроенергетски постројки. Овие процеси течат паралелно со активностите од годишните планови за тековно одржување на трафостаниците и на далекуводите. Од мај до крај на годинава стручните лица се фокусирани на ревитализација на трансформаторски станици во југозападниот регион и во вардарскиот регион. Во вардарскиот регион извршена е ревитализација на поголем дел од ТС „Кавадарци“ каде што е заменета со нова високонапонска опрема од која некои елементи биле во функција подолго од 40 години. Во југозападниот дел од земјава особено внимание стручните лица посветија на ревитализација на трафостаниците „Сопотница“, „Струга“ и „Битола 1“. На ревитализацијата на овие трафостаници МЕПСО даде приоритет заради нивното значаење од аспект на доверливоста во управувањето особено за подобрување на состојбите со сигурно снабдување со квалитетна електрична енергија во југозападниот дел од земјава. Тука сакам да потенцирам дека активностите за ревитализација ги вршат стручни лица од МЕПСО кои се обучени за овие сложени зафати.

мепсо

Кои капитални проекти планирате да ги реализирате во наредниот период?

- МЕПСО заради природата на своето работење е во континуиран процес на модернизација на преносната мрежа. Новиот инвестициски циклус симболично започна со договорот за ревитализација на ТС „Дуброво“. Сакам да нагласам дека со тој проект, што ќе почне со реализација во тек на овој месец, отвораме нов голем среднорочен инвестициски циклус во преносната мрежа, што е вреден над 50 милиони евра и кој ќе даде значаен стимул и за македонската економија затоа што директно или индиректно ќе бидат ангажирани домашни фирми и стручни профили. Освен проектот „Битола 2 – Елбасан“ и новата трафостаница кај Охрид ние сме во процес за реконструкција во четири трафостаници: „Битола 2“, „Валандово“, „Осломеј“ и „Скопје 4“ и овој проект е проценет на 7,9 милиони евра, а во тек е изработка на тендерски документации. Паралелно со реконструкцијата на овие трафостаници тече и проект за набавка и инсталација на нови системи за релејна заштита за потребите на трафостаниците на хидроцентралите „Глобочица“, „Шпиље“, „Вруток“ и „Тиквеш“. Тече процесот за изградба на шест нови 110 киловолтни далекуводи на постоечки траси, проект со антиципирана вредност од 21 милиони евра. Станува збор за далекуводите што ги поврзуваат трансформаторските станици: Битола 1 – Прилеп, Скопје 4 – Велес, Штип – Пробиштип, кој е пред склучување договор, Велес – Овче Поле, Штип – Овче Поле и Скопје 1 – Миладиновци. Заедничко за овие далекуводи е што се постари од 40 години и се поставени на бетонско-армирани столбови. Новите ќе бидат поставени на челично-решеткасти столбови, ќе имаат нови проводници, овесна и спојна опрема и ќе бидат со поголема пропусна моќ, а новата опрема ќе ги сведе на минимум ризиците од прекини и испади. Овој проект планирано е да заврши во целост до крај на 2020 година. Значаен за истакнување е и процесот за заокружување на оптичка мрежа за пренос на податоци и за сигурност во управување со електропреносниот систем. Во овој проект планираме да набавиме и инсталираме околу 200 километри заштитно јаже со интегрирани оптички влакна за пренос на податоци за потребите на МЕПСО за управување со постројките од преносната мрежа. Сите овие проекти бараат голем ангажман на стручните лица од компанијата и целосна посветеност на менаџерскиот тим за следење и управување во имплементација на овој комплексен спектар на активностите. Овие проекти се финансираат со средства од заем од Европската банка за обнова и развој, со грант од WBIF и со сопствени средства на МЕПСО. Сакам да истакнам дека МЕПСО, дополнително, има интензивни активности во рамки на своите надлежности за среднорочно и долгорочно планирање за развој на преносната мрежа. Во рамки на редовните планирачки активности, МЕПСО неодамна комплетира три студии кои го дефинираат развојот на националната преносна мрежа на среднорочен и долгорочен временски период и тие значајни стратешки документи се поставени на интернет страницата на МЕПСО.

Валентин Јанковски

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.