• A-
  • A
  • A+

среда, 26 јули 2017, 

Ашим Зеќироски, директор на Управата за водење матични книги

Скопје, 14 март 2014

Која е надлежноста на Управата за водење матични книги и кои услуги им ги нуди на граѓаните?

Управата за водење на матичните книги е надлежна за издавање изводи од матичните книги на родени, венчани и умрени, запишување  податоци за граѓаните во нив, како и за склучување на браковите. Во матичната евиденција се запишуваат и сите измени на граѓанскиот статус на граѓаните во Република Македонија, како и оние во дијаспората. Својата надлежност ја реализира согласно Законот за матична евиденција како и Упатството за водење, чување и заштита на матичните книги. Воедно УВМК е надлежна и за издавање податоци и уверенија од матичните книги на родени, венчани и умрени, како и на трети лица кои ќе го докажат правниот интерeс за добивање на личните податоци кои не се однесуваат за нив, а имаат правен основ за тоа. Инаку, Управата за водење на матичните книги врши и дополнителни запишувања во матичните книги и носи решенија во управните постапки кои се однесуваат на матичната евиденција.

Функционира преку осум подрачни одделенија, 26 подрачни канцеларии и 132 матични подрачја-месни канцеларии.

Неодамна УВМК спроведе отворени денови со граѓаните. За кои прашања имаше најголем интерес?

Во рамките на отворените денови на Управата за водење на матичните книги, директорот и стручниот тим на Управата во сите подрачни одделенија на УВМК одговараа на прашањата на граѓаните од областа на матичната евиденција.

Граѓаните најмногу интерес покажаа за проблемите со грешките настанати во матичните книги на стари уписи и начинот на нивна корекција  во управна постапка. Исто така бараа објаснување и за запишување на раѓања кои се случиле во домашни услови и начинот на водење на управната постапка во вакви случаи, како и за можностите кои ги нуди склучувањето брак надвор од службените простории на Управата.

Со измените на Законот за семејство бракот може да се склучи и на локации надвор од салите за венчавки. Кои услови треба да се исполнат за да се реализира вакво венчавање?

Согласно Законот за семејство, брак може да склучат маж и жена, кои доброволно своето барање го доставуваат пред матичарот на одредено матично подрачје.  До 2011 година склучувањето брак се одвиваше исклучиво во салите за венчавки на матичните подрачја. Со измените на Законот за семејство, од 6 декември 2010 година, бракот помеѓу мажот и жената може да се склучи и на локации кои тие ги сметаат за најповолни како почеток на нивниот заеднички живот.

Тоа значи дека до Управата за водење на матичните книги странките поднесуваат барање во кое истакнуваат на кој датум, во колку часот и каде сакаат да го склучат бракот. Управата е должна да ги упати странките во матичното подрачје чиј матичар во избраниот момент е слободен да го склучи бракот. Пред матичарот странките го прават записникот за брак, поднесуваат изводи од матичните книги на родени и документ за идентификација, лична карта или пасош.

По ова, на избраниот ден и локација доаѓа матичарот и пред сведоците го склучува бракот, а странките се потпишуваат во матичната книга на венчани и добиваат извод за склучениот брак.

Оваа новина се реализира од март 2011 година и Управата ја практикува на барање на граѓаните кои беа се погласни во тоа дека склучувањето на бракот треба да може да се одвива на локации кои сами ќе ги изберат.

Разгледувајќи ги странските практики и искуства, Управата за водење на матичните книги ги направи законските измени, донесе подзаконски акт што ја регулира оваа област и го осмисли целиот процес.

Правилникот за начинот и висината на трошоците за склучување брак надвор од службените простории на Управата за водење на матичните книги е донесен на 14 март 2011 година, а практичната реализација на проектот започна по осум дена.

Така, веќе три години странките се задоволни што ваквата можност им е  достапна и во Република Македонија.

На почетокот на овој проект, кога беа донесени законските и подзаконските акти, граѓаните на Република Македонија за оваа новина беа информирани од медиумите. Имено, претставник на Управата за водење на матичните книги, инволвиран во реализација на самиот проект на неколку електронски и печатени медиуми ја презентираше новината и одговараше на прашањата на граѓаните поврзани со склучувањето на бракот надвор од службените простории. Исто така, сите потребни информации граѓаните можеа да ги добијат и во матичните подрачја, каде матичарите им укажуваа на можноста каде и како може да склучат брак на нивната омилена локациија.

Колку бракови се склучени на овој начин и колку чини надоместокот за склучување брак надвор од службените простории?

Оваа можност во првата година на реализацијата на проектот (2011 г.) ја искористија околу 700  брачни двојки во Република Македонија.

Денес оваа бројка постепено расте и интересот на граѓаните за ваквата можност е се поголем. Во 2012 година брак надвор од службените простории на Управата за водење на матичните книги склучиле над 850 брачни двојки, а до крајот на 2013 година повеќе од 1.000 брачни двојки.

Во Правилникот за начинот и висината на надоместокот за склучување  на брак надвор од службените простории  се наведени трите битни компоненти кои ја одредуваат висината на надоместокот што странките го плаќаат при склучувањето брак надвор од службените простории.

Па така, како основа се зема просечната бруто плата во Република Македонија од претходната година што ја објавува Државниот завод за статистика, оддалеченоста на местото за склучување на бракот од службените простории и времето на склучувањето на бракот.

Надоместокот за склучување брак надвор од службените простории од понеделник до петок и првата работна сабота, по 16:30 часот, до 10 километри од матичното подрачје изнесува 3.300 денари. Во саботите и неделите, како и за време на државните празници или други неработни денови, под истите услови, сумата на надоместокот е 6.600 денари. Склучувањето брак надвор од службените простории, доколку некоја од странките има здравствени проблеми и не е во можност да дојде да склучи брак во салите на матичните подрачја или се наоѓа на издржување затворска казна или притвор, тие не плаќаат надомест за склучувањето брак надвор од службените простории.

Барањата на идните брачни двојки во однос на склучувањето на бракот надвор од службените простории се најразлични и интересни. Најголемиот број од нив бракот бараат да го склучат во ресторанот каде се одвива свадбената веселба, но има и такви кои посакуваат тоа да се случи во нивниот дом или во некој верски објект. Најинтересни места каде идните брачни двојки го кажале нивното „да“  се Порта Македонија, Плоштадот во Скопје, Градскиот парк, Скопското Кале, на брод среде  Охридското езеро, на Милениумскиот крст на Водно, во Ботаничката градина во Скопје, во Музејот на националната борба на македонскиот народ, по значајните манастири и цркви ширум Македонија, како и во зимските туристички центри.  Изборот на секоја странка е уникатен, а Управата за водење на матичните книги ги почитува желбите на граѓаните на Република Македонија и бракот надвор од службените простории се склучува онаму каде ќе посакаат.

Согласно коментарите кои пристигнуваат до Управата за водење на матичните книги граѓаните се многу задоволни од оваа можност, ја поздравуваат и во се поголем број ја користат.

Која е постапката за евидентирање брак во странство?

Доколку граѓанин на Република Македонија склучи брак во странство, тој факт мора да се одбележи и во матичната книга на родени. За таа намена граѓанинот е потребно да го достави оригиналниот извод од матичната книга на венчани од странство, да го преведе на овластен судски преведувач во РМ и да го завери на нотар. Со ваков документ бракот се запишува прво во матичната книга на венчани за местото на последниот престој на граѓанинот како и во матичната книга на родени на граѓанинот.

Кога ќе почне реализацијата на Проектот за електронско водење на матичните книги и како е планирано да биде спроведен?

Законот за матична евиденција предвидува матичните книги да се водат рачно и во електронска форма. Управата за водење матични книги започна со воспоставување електронски матичен регистар во јули 2012 година, проект преку кој се овозможи да се започне со водењето на матичните книги и во електронска форма. Софтверот за електронско водење матични книги има за цел да ја зголеми ефикасноста и квалитетот во работењето на Управата за водење матични книги. Централизираноста на податоците и оптимизирањето на бизнис процесите во Управата ќе отворат широк спектар на можности во делот на имплементирање на европските регулативи и зголемување на ефикасноста во администрацијата. Целиот проект за воспоставување електронски матичен регистар ќе се одвива во три фази и планирано е да биде завршен до јули 2015 година.

Кои градови се вклучени во имплементирањето на овој проект и кои се придобивките од неговото воведување?

Во првата фаза на воспоставување на електронскиот матичен регистар се вклучени 12 градови и тоа: Скопје, Битола, Охрид, Куманово, Струмица, Штип, Кавадарци, Кочани, Неготино, Дебар, Ресен и Виница, во кои е имплементиран дел од електронскиот матичен регистар.

Во втората фаза на воспоставување на електронскиот матичен регистар се вклучуваат 20 градови и тоа: Берово, Делчево, Македонска Каменица, Богданци, Валандово, Радовиш, Свети Николе, Пробиштип, Кратово, Крива Паланка, Гостивар, Демир Хисар, Демир Капија, Гевгелија, Македонски Брод, Крушево, Струга, Тетово, како и двете месни канцеларии Сала Парк и Бутел и Чаир. Од средината на јануари 2014 година тековно се пуштаат горенаведените градови и постепено се приклучуваат кон градовите каде што успешно е имплементирана првата фаза. 

Што се однесува на другите градови или општини, седишта на матичните подрачја, предвидено е и тие да бидат поврзани со електронскиот матичен регистар. Бидејќи проектот електронски матичен регистар се одвива во три фази, во останатите две фази кои преостануваат се предвидени да се приклучат уште 52 општини, со што би се опфатиле сите општини, седишта на матичните подрачја согласно Законот за територијалната поделба на локалната самоуправа во РМ.

Придобивките од воведувањето и  имплементацијата на проектот за електронско водење на матичните книги  ќе значат поголем бенифит за граѓаните како крајни корисници на услугите од матичната евиденција, но и професионално унапредување и ефикасна работа на вработените во Управата.

Со електронското водење сите матични книги систематизирано и  комплетно ќе се водат во електронска форма при што евиденцијата ќе биде ажурирана со можност за следење историја на промени, ќе се намали времето на издавање извод од сите матични книги со можност за издавање веднаш, значително ќе се намалува времето на прва регистрација во матичните книги на родени, ќе биде овозможено издавање извод од матичните книги на родени, венчани и умрени во кое било матично подрачје на Управата, независно каде е настанат фактот раѓање, склучување брак или смрт, а ќе се овозможи евидентирање на плаќањето на таксата преку различни канали, (таксена марка, уплатница, електронско плаќање, мобилно плаќање).

Исто така породилиштата и болниците ќе можат преку интернет електронски да ги доставуваат пријавите за родени и умрени, ќе се овозможи електронско праќање на статистичките извештаи до Заводот за статистика, автоматизација на процесот за определување матичен број и отвореност на системот со взаемна функционалност со информатичките системи на сите државни институции кои законски разменуваат податоци со Управата.

Со електронско водење на матичните книги  се воспоставува систем каде матичните книги во електронска форма се водат и чуваат согласно Правилникот за препораки, процедури и политики за заштита и развој на ИТ системи и прописите за заштита на лични податоци, а се овозможува уредна, ажурна евиденција на граѓанскиот статус на државјаните на Република Македонија без оглед дали живеат или не во Република Македонија и на странските државјани на територијата на Република Македонија, како основа за ажурирање други евиденции кои се водат од страна на други надлежни органи и институции.

Даниела Маркоска - Алексовска

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.