• A-
  • A
  • A+

петок, 18 август 2017, 

Советот за безбедност на ОН остро го осуди новото истрелување ракета од Северна Кореја

Советот за безбедност на ОН остро го осуди новото истрелување ракета од Северна Кореја

Њујорк, 20 април 2017 (МИА) - Советот за безбедност на ОН денеска усвои декларација во која остро го осуди новото истрелување ракета од Северна Кореја и и се закани со нови санкции, пренесоа светските агенции.

Петнаесетте земји членки едногласно го одобрија текстот на декларацијата. Усогласувањето на текстот на декларацијата, поднесен од САД, одзеде едно деноноќие и стана можно по постигнатиот компромис со Русија.

Претходно француските медиуми пренесоа дека станува збор за резолуција.

„Незаконските активности“ на Северна Кореја во врска со нејзината нуклеарна и балистичка програма „значително ги зголемуваат тензиите во регионот и надвор од него“, се наведува во декларацијата.

Советот за безбедност се заканува со преземање „ уште важни мерки, вклучувајќи и санкции“, за да ја натера затворената комунистичка земја да се откаже од својата програма за вооружување, забранета од ОН.

Како знак за поголема строгост, декларацијата изрично споменува „санкции“, додека во претходните текстови на Советот се зборуваше само за „дополнителни мерки“ против Северна Кореја, забележуваат француските медиуми.

Агенциите наведуваат дека прифаќањето на изјавата станало можно откако било прифатено барањето на Русија во неа да се подвлече неопходноста од изнаоѓање решение „по пат на дијалог“.

Откако Северна Кореја во неделата изведе неуспешен обид за истрелување ракета, Русија го блокира првиот обид за осуда на затворената комунистичка држава, и покрај тоа што соодветниот текст беше одобрен од Кина - главниот сојузник на режимот во Пјонгјанг.

Рускиот постојан претставник во ОН, Пјотр Иличов, денеска негираше дека неговата земја ја блокирала подоцна прифатената декларација и ги обвини САД дека ги прекинале дискусиите.

Советот за безбедност на ОН на 28 април ќе се состане на заседание, посветено на Северна Кореја, посочуваат француските медиуми.

Ротацискиот претседател на Советот за овој месец, САД, ќе бидат претставени од државниот секретар Рекс Тилерсон.

Не е предвидено на заседанието да се усвои резолуција. сд/21:20

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ