• A-
  • A
  • A+
четврток, 23 март 2017, 

Поранешен британски амбасадор во САД бара извинување од Трамп

Поранешен британски амбасадор во САД бара извинување од Трамп

Лондон, 20 март 2017 (МИА) - Поранешниот британски амбасадор во САД, Питер Вестмакот побара од Белата куќа и од претседателот Доналд Трамп да и се извинат на Велика Британија, поради нејзиното вмешувањето во тврдењето дека британското разузнавање било вклучено во наводно прислушување на „Трамп Тауер“ пред ноемвриските американски избори.

Во авторски текст во лондонски „Гардијан“, Вестмакот остро ја критикува Белата куќа за ваквите „недокажани тврдења“, а посебно затоа што, како што вели, се продолжува со обвинувањето кон Британците, не откажувајќи се од тоа да „се турка и натаму лажното и измислено“ тврдење против британската комуникациска разузнавачка агенција.

Во острата реакција на поранешниот амбасадор, за случајот што за момент ги потресе британско-американските односи во време кога Лондон ја подготвува државната посета на Трамп на Велика Британија, Вестмакот тврди дека однесувњето на Белата куќа кон Британците претставува „опасна игра“.

Тој смета дека „неоправдано и без причина“ им се наштетува на американко-британски разузнавачки врски.

Реакцијата на Вестмакот доаѓа по невообичаено острата реакција на британската разузнавачка агенција која одбвинувањата од САД ги оквалификува како „бесмисленост“ и како „ѓубре што треба да се отфрли“.

Веднаш потоа, Даунинг стрит 10 соопшти дека од официјален Вашингтон било добиено ветување дека обвинувањата против Британците нема повеќе да се повторува.

Американски медиуми објавија дека Белата куќа и се извинила на Велика Британија за обвинувањата, но веднаш потоа го пренесоа и демантот на Белата куќа дека имало извинување.

Истрагата на сенатската Комисија за разузнавање покажа дека нема никакви докази за тоа дека биле поставени прислушни уреди во седиштето на компанијата на Трамп, пред да биде избран за претседател .

Белата куќа и Трамп, кој на својата страница на Твитер ја обвини поранешната администрација на Барак Обама дека го прислушувала, засега, не покажа докази за ваквите тврдења, но портпаролот на Белата куќа Шон Спејсер порача дека и натаму се останува на веќе изнесените тврдења.

Првата информација за наводното прислушување ја даде американската телевизиска станица Фокс, која важи за блиска до Трамп и еден нејзин експерт за правни прашања.

Трамп сега тврди дека само ја презел од Фокс таа информација и ја пласирал на Твитер. Таквото објаснување тој му го даде и на еден германски новинар, за време на заедничката прес-конференција со канцеларката Ангела Меркел во Вашингтон, кој побара објаснување за случајот.

Според Трамп, објаснување би требало да се бара од телевизиската компанија и од нејзниниот правен експерт, во кого претседателот на САД рече дека има голема доверба. ти/сп/12:04

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.