• A-
  • A
  • A+
понеделник, 20 ноември 2017, 

Македонските фудбалери ги почнаа подготовките за дуелот со Белорусија

Македонските фудбалери ги почнаа подготовките за дуелот со Белорусија

Скопје, 24 март 2015 (МИА) - Македонската фудбалска репрезентација денеска на тренинг центарот „Петар Милошевски“ во Скопје го одржа првиот тренинг во пресрет на квалификацискиот натпревар против Белорусија закажан за 27 март.

Здравствениот билтен не е идеален, поради повреда подготовките и натпреварот ги пропушта Марио Ѓуровски, а денеска стручниот штаб во репрезентацијата ќе добие официјална потврда за евентуалниот настап на Аријан Адеми од Динамо Загреб кој исто така има повреда.

Еден од повратниците во националниот состав, Ферхан Хасани вели дека нашиот тим сериозно ќе се подготви за натпреварот. Фудбалерот на дански Брондби се надева на победа на македонската репрезентација.

- Се радувам што повторно сум дел од репрезентацијата на Македонија, во последните неколку месеци имав проблем со повреди, но сега сум во ред, подготвен да му помогнам на тимот. Во следните неколку денови ќе се потрудиме на најдобар начин да ги одработиме подготовките и да ја анализираме играта на Белорусија. Сепак, сметам дека ние сме најважни, посветени сме на тимот, ги одработуваме задачите поставени од селекторот и се надеавам дека тоа позитивно ќе ни се врати на натпреварот во петок. Има неколку нови имиња во репрезентацијата, но важно е дека сите сме тука со иста цел, да помогнеме во остварување на целта, да забележиме победа против Белорусија, вели Хасани. зс/13:24

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.