• A-
  • A
  • A+

понеделник, 26 јуни 2017, 

Антонио Ристевски, македонски олимпиец во скијање

Скопје, 28 март 2014

По Зимските олимписки игри во Сочи, дваесет и четиригодишниот Антонио Ристевски може да се пофали со најдобриот резултат во кариерата. Вели дека на Олимпијадата во Сочи го реализирал она што го очекувал и го посакувал од самиот себе. Имено, Ристевски е човекот што го освои 29-то место на слаломската трка на Олимпијадата во Сочи и стана најуспешниот зимски олимпиец во македонската историја. Ристевски во дисциплината слалом обезбеди пласман на 29. позиција со време 1:58.44, со кое влезе во историјата на зимските олимписки спортови во Македонија и постави убедливо најдобар резултат во историјата од еден македонски претставник на зимските олимписки игри.

На колку години првпат се најде на скијачка патека и дали некој во твоето семејство професионално се занимавал со спорт?

Првпат се качив на скии на 4-годишна возраст, со татко ми. Никој од моето семејство никогаш не се занимавал професионално со скијање, па така и татко ми скијал само рекреативно. И јас почнав со скијањето од забава, но веќе на 7 години првпат се натпреварував, а професионално, како сега, скијам околу 13 години.

До која возраст вообичаено може да се биде професионално во овој спорт?

Не постои некоја одредена старосна граница, иако, вообичаено, поголемиот дел од скијачите во светскиот куп се откажуваат околу својата 36-та година. Сепак, може да се каже дека скијањето претставува спорт на искуство.

Што се случуваше со тебе по Олимпијадата во Сочи, дали те очекуваат уште некои натпревари или е сезоната веќе завршена?

Сезоната се уште не е завршена за мене, а натпревари имам се до почетокот на април. Инаку, по зимските олимписки игри во Сочи, бев и на натпревари во Австрија, во Германија и во Словенија. Сега, до крајот на сезоната, односно, за да ја завршам, ми преостануваат уште натпреварите на Балканот. По се, следува мал одмор, а по него, почеток на новата сезона, нови планови, желби, амбиции и натпревари.

Дали си задоволен од условите што ги имаш како спортист во државава и што е она што можеби ти недостига?

Сите ние или барем оние кои сме луѓе од областа на спортот знаеме дека во Македонија условите за каков било спорт се доста тешки, а особено е тоа случај кога станува збор за скијањето каде што условите се доведени на минимално ниво. На пример, би споменал дека кај нас се уште никаде нема вештачки снег кој ни е многу потребен. Меѓутоа, тоа и не е толку голем проблем со оглед на тоа што многу мал период од годината сум во Македонија и сите мои главни подготовки на снег ги остварувам пред се, во Австрија каде што имаме воспоставено доста добра соработка и комуникација со некои ски центри и луѓе, па ги добивам условите што ми се потребни. Меѓутоа, знаеме дека без финансиски средства ниту тоа не би можело да се реализира. Сега засега скијачката федерација на Македонија ми ги покрива сите активности и опремата за скијање и задоволен сум од тоа.
Знаеме дека скијањето не е толку актуелен спорт во државава, но сепак сметам дека направив некој резултат што ќе остане забележан во историјата на спортот во Македонија и се надевам дека тоа нема биде мој последен историски резултат. На крајот, факт е и дека сето тоа, сепак, не зависи само од мене... Имено, олимписка А норма не е мала работа, ниту пак е мала работа 29. место на Олимпијада. Нормално, моја најголема амбиција е еден ден да се најдам меѓу првите 30 во светскиот куп, но моментално, со средствата што ги поседуваме и со условите што ги имаме, тоа е на некој начин, еднакво на фантазија.

Благодарение на спортот, веројатно често патуваш. Каде ти се допадна најмногу досега?

Да, патувам, ама никогаш не сум размислувал за тоа каде е најубаво, бидејќи секое патување ми е како работа, одам да тренирам или да се тркам и си заминувам. Деведесет отсто од местата на кои одам се ридови, планини, села. Сум бил на две олимпијади, пет светски првенства, на две универзијади, но не можам да издвојам некое посебно место.

Како ти се допадна Сочи?

Немав многу време за да го видам Сочи, зашто што им бев посветен на тренингот и на кревање на формата и не сакав многу да се шетам. Мојата цел беше да остварам некој резултат. Само еднаш бев во Сочи и беше убаво. Топло, буквално како на лето, покрај море, мирисаше на плажа, на одмор, а всушност, таму си за скијање.

Како се чувствуваше по неуспехот на трката во дисциплината велеслалом, а како по твојот голем успех во слаломот?

По велеслаломот бев разочаран што не ја завршив трката, бидејќи бев одлично подготвен и очекував да остварам добар резултат. Но, секогаш не е така како што се надеваш и како што планираш, а уште помалку како што сакаш. Таков ми е спортот, сè е брзо, кратко и најмала дребулија може да ме исфрли од патека, а тоа и се случи. Затоа, пак, во слаломот го направив тоа што го направив и бев доста задоволен, како и целиот тим околу мене, тренерот (Иван Лесевски), психологот (Ленче Величковска), докторот (Зоран Ханџиски), скијачката федерација и Олимпискиот комитет, а верувам и Агенцијата за млади и спорт, како и целата македонска јавност.

Како се чувствуваше меѓу најдобрите во светот?

Не ми беше првпат да бидам помеѓу најдобрите во светот, така што ми беше нормално. На такви натпревари сите сме исти, а нормално, на крајот си доаѓа она - најдобриот победува.

Каква е разликата да се скија на вештачки и на природен снег?

Вештачкиот снег е поагресивен снег, тој е покомпактен и нема воздух во него, додека природниот е помек и колку и да се тапка пак останува воздух во него. Кога се скија првпат на вештачки снег е чудно и потребни се неколку дена за да се навикнете, но потоа е многу поубаво отколку на природен снег.

Имаше ли забави, се стекна ли со некои нови познанства, пријателства, се дружиш ли со некои од твоите ривали кога одите на меѓународни натпревари?

Не е сè како што зборуваат и како што прикажуваат по медиумите... Да, има забави, ама откако ќе завршат натпреварите за секој поединечно. Јас бев таму со цел и не ми беше дојдено до забава. Сум се откажал од многу работи за да отидам на еден таков натпревар, па мислам дека не е во ред да ризикувам и да фрлам сè во вода. Инаку, постои дружење помеѓу колегите од други држави, а најмногу со луѓето од нашиот регион.

Имавме малку претставници на Олимпијадата. Дали се дружите меѓу себе и приватно?

Искрено, не се дружиме, бидејќи и спортовите не ни се исти, а и не живееме блиску, секој е во различен град, јас во Скопје, Дарко во Гостивар - Маврово, Марија во Крушево. Но се знаеме добро бидејќи сме долго во спортот.

Имаш ли време за рекреативно скијање покрај толку многу професионални ангажмани?

Рекреативно скијање ми звучи многу убаво и многу сакам да одам да скијам некаде, а да не мислам на патеки, на времиња и на техника, туку само да скијам и да уживам. Искрено, немам време за тоа и кога доаѓам дома, сакам да одморам и да не мислам на скијање. Секако, ако имам услови за тренинг во Македонија, секогаш ги искористувам, бидејќи најубаво ми е кога тренирам на домашен терен, бидејќи по цела година тренирам и скијам низ Европа.

Драгица Христова

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



Мозаик

Принцот Хари сакал да се повлече од британското кралско семејство

Британскиот принц Хари, помладиот син на престолон...

Жена без заби, коса и пори хит во модната индустрија

Првите странци кои допатуваа во Франција, без виза...

Мараја Кери повторно се избламира

Позната по лежерното и провокативно облекување пеј...

Еден од најчудните рекорди

Џеф Рејц во четвртокот го посети Дизниленд Ризорт ...

Качер: Деми ми забрани дружење со нејзините ќерки

Познатата актерска двојка Деми Мур (54) и Ештон Ка...