• A-
  • A
  • A+

среда, 26 април 2017, 

Во Крива Паланка изложба „Убавината ја живееме“

Во Крива Паланка изложба „Убавината ја живееме“

Крива Паланка, 21 април 2017 (МИА) - Во уметничката галерија на  Градски музеј Крива Паланка денеска беше отворена изложба на фотографии „Убавината ја живееме“ на авторот Љупчо Илиевски.

Изложбата беше отворена во пресрет на 22 април, Светски ден на планентата земја, а на неа присуствуваа и ученици од основните училишта од градот.

- Чест ми е да ја отворам изложбата на еден од најпознатите фотографи во Македонија. Во нашата установа некако се приоритетни изложбите на фотографи, а денес, втор пат во нашиот град, гостува Илиевски со изложбата фотографии од Преспа во пресрет на интернационалниот ден на планентата земја. Се надевам ќе придонесеме за подигнување на свеста за значењето на природата и околината, сообено деновиве кога природата навистина не изненадува со температурните промени, истакна Драган Величковски, директор нa ЛУ Градски музеј, Крива Паланка.

Постановката ја сочинуваат 30 фотографии од пејзажите на Преспа, Преспанското Езеро, Ресен и делата од меѓународната Ресенска керамичка колонија чија збирка брои повеќе од 1.000 дела од автори од целиот свет. Во објективот на Илиевски се овековечени и Ангелот од Курбиново, мотиви од манастирите и црквите, флората и фауната кои ја карактеризираат посебноста на Преспа.

- Преспа е една заспана убавица која неправедно сите ја запоставуваме. Толку е убава и мистична, магична и импресивна што остава без здив. Јас ја имав привилегијата УНДП да ми нарача репортажа од Преспа за најпрестижното светско списание  „National geography“. Задачата лесно ја прифатив, но тешко ја остварив, а особеностите на крајот, кои ги има многу, беа сами по себе обврска, рече Илиевски.

Според него, неодминливи се фактите дека Преспанското езеро е едно од петте најстари езера во светот, со Охридското, сместено е  меѓу два национални парка, Пелистер и Галичица.

- Во овие паркови живеат многу ендемски видови билки и растенија. Истото е и за водата на самото езеро, каде живее ендемската Брајчинска пастрмка, а во Преспанско езеро доаѓаат 46,7 отсто од сите видови птици во светот.Во Преспа се наоѓа и единственито остров во Македонија, а ваквите посебности на Преспа и овој регион, меѓу кои и ангелот од Курбиново од 12 век, кој е една од трите најубави фрески во светот и тоа треба да умееме да го цениме, дополни Илиевски.

Фотографиите на Илиевски од Преспа според уметничката критичка мисла се врвна естетика и израз на неопислив инстинкт, но и на неговата љубов со која, ќе речат,  го везе ситниот вез на македонската традиција со усет на поет, со мерка на сликар и со однос на човекољубец, природољубец.

Изложбата „ Убавината ја живееме” премиерно  е поставена кон крајот на 2010 година во Ресен, а во рамките на манифестацијата “Скопско лето- 2011” делата беа претставени и во скопскиот Културно -  информативен центар.

Кривопаланечката јавност ќе може да ги погледне фотографиите во следните две седмици.ид/лв/14:13

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.